Граѓаните на Исланд денеска одлучуваат дали земјата повторно ќе ги отвори преговорите за членство во Европската унија. На референдумот право на глас имаат околу 265.000 гласачи, кои одговараат на едноставно прашање: дали Исланд треба повторно да ги започне пристапните преговори со ЕУ.

Одлуката на референдумот може да има долгорочни последици за односот на Исланд кон Европската унија. Доколку граѓаните го отфрлат предлогот, тоа би се сметало за конечна одлука, барем во следната генерација.

Противниците на членството предупредуваат дека влезот во ЕУ би можел да ги загрози богатите рибни ресурси на Исланд. Тие исто така посочуваат дека земјата веќе ги користи придобивките од пристапот до европскиот единствен пазар без трговски бариери, како и од шенгенската зона, која овозможува слободно патување.

Доколку мнозинството гласачи се изјасни „за“, би започнал процесот на преговори со Европската комисија, извршниот орган на ЕУ. Преговорите би опфатиле 35 области, меѓу кои економијата и човековите права.

Предвидувањата укажуваат на тесна разлика меѓу поддржувачите и противниците на обновувањето на преговорите. Во пресрет на референдумот, околу 20 проценти од граѓаните на Исланд веќе ја искористиле можноста за рано гласање.

Поделени ставови меѓу гласачите

Дел од граѓаните се противат на повторното отворање на процесот за членство, повикувајќи се на состојбите во самата Европска унија.

„Она што се случува во ЕУ не ми се допаѓа. Тоа е како голем брод што гори. Мислам дека тие треба, знаете, прво да си ги средат работите пред ние да им се приклучиме. И мислам дека подобро ни е да останеме сами, да, со тоа што е наше“ – вели Аугуст Халвардсон, жител на Исланд.

Од друга страна, има и граѓани кои сметаат дека Исланд треба да ги продлабочи односите со европските земји и да го продолжи патот кон ЕУ.

„Мислам дека прашањата што се важни би биле економски, но исто така, пред сè, одржувањето добри врски и добри односи со Европа е апсолутно најдоброто нешто што Исланд некогаш го направил и треба да продолжи во таа насока“ – тврди Хаукур Халсон, жител на Исланд.