Италијанскиот парламент усвои закон со кој на илјадници затвореници со зависност од дрога или алкохол би можело да им биде овозможено казните да ги издржуваат во домашни услови, додека учествуваат во програми за лекување и ресоцијализација. Мерката е донесена во обид да се намали сериозната пренатрупаност во италијанските затвори.
Според организацијата за права на затворениците „Антигона“, италијанските затвори моментално се исполнети со околу 140 проценти од нивниот капацитет. Ова ја става Италија меѓу земјите со најголема пренатрупаност на затворите во Европската Унија, заедно со Франција, која има сличен проблем.
Министерот за правда Карло Нордио изјави дека новата мерка би можела да се однесува на повеќе од 10.000 лица зависни од дрога, од вкупно околу 65.000 затвореници во земјата. Дополнително, според документот, можноста би ја добиле и околу 3.700 затвореници кои имаат проблеми со зависност од алкохол.
Сепак, организацијата „Антигона“ изрази сомнеж во ефикасноста на мерката. Оттаму предупредија дека пуштањето на затворениците ќе зависи од исполнувањето на повеќе услови, а средствата предвидени со законот, според нив, во пракса би биле доволни за финансирање на рехабилитација на помалку од 600 зависници.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони, пак, го оцени законот како „победа на повеќе фронтови“, наведувајќи дека тој ќе помогне да се намали притисокот врз затворскиот систем и истовремено ќе придонесе зависниците да се оддалечат од криминалното однесување.
Владата на Мелони минатата година вети дека ќе обезбеди дополнителни 15.000 затворски места, но тој капацитет сè уште не е зголемен. Реформата на затворскиот систем останува чувствително политичко прашање за премиерката, особено со приближувањето на изборите следната година.
Мелони и нејзините коалициски партнери се соочуваат со критики од крајно десничарската опозициска партија „Футуро Назионале“ (Национална иднина), која смета дека владата има премногу благ пристап кон криминалот и имиграцијата.
Партијата, основана оваа година од поранешниот армиски генерал Роберто Ваначи, бележи раст во анкетите и им одзема поддршка на партиите од владејачката коалиција. „Футуро Назионале“ гласаше против усвојувањето на новиот закон за затворите, пренесе „Хина“.
