Поразот ќе го зголеми притисокот врз Џонсон во неговата партија и ќе ги зајакне јавно и приватно изразените стравови дека угледот на партијата страда под раководењето на Џонсон.
Кандидатот на либералдемократите Хелен Морган на дополнителните избори за Долниот дом го освои пратеничкото место во Северен Шропшир. Таа победи со разлика од 6.000 гласа, откако конзервативците на претходните избори, во 2019 година, извојуваа убедлива победа со предност од 23.000 гласови.
-Вечерва, луѓето од Северен Шропшир зборуваа во име на британскиот народ. Тие рекоа гласно и јасно: „Борис Џонсон, забавата заврши, рече Морган во победничкиот говор.
„Нашата земја е гладна за лидерство. Господине Џонсон, вие не сте лидер“, додаде таа.
Конзервативците победија на сите претходни избори за оваа претежно рурална област во централна Англија од создавањето на изборната единица во нејзината сегашна форма, во 1983 година, а историски конзервативците доминираа во регионот речиси 200 години.
Ова е нов удар за Џонсон кој веќе е цел на критики, вклучително и поради пишувањето дека неговиот персонал организирал забава минатиот Божиќ, кога земјата беше во „заклучување“.
Северен Шропшир се залагаше за Брегзит и беше упориште на конзервативците. Аналитичарите велат дека тешкиот пораз на Конзервативната партија дополнително ќе го поткопа авторитетот на Џонсон кај пратениците, од кои некои веќе јавно се спротивставуваат на плановите за воведување ковид сертификатите.