Трка со шест потенцијални имиња – финалната одлука наскоро

Во понеделник, на 20 мај, Собранието ќе одлучува кој ќе биде новиот гувернер на Народната банка на Република Македонија. Главни кандидати за оваа висока функција се Зоран Ставрески, Трајко Славевски и актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска, а списокот со потенцијални наследници се проширува и со имињата на Маја Кадиевска Војновиќ и Борче Треновски.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека веќе имал консултации со претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова и со собранискиот спикер Африм Гаши, при што е договорено точката за избор да се најде на дневен ред на следната седница. „Сите кандидати кои се разгледуваат се исклучително искусни и квалитетни и ќе придонесат за одржување на макроекономската стабилност,“ истакна Мицкоски.

Кандидатите – искусни кадри од финансискиот и академскиот сектор

Анита Ангеловска Бежоска во нејзиниот мандат како гувернер доби признанија од релевантни меѓународни институции, особено за време на енергетската и инфлаторната криза. Под нејзино водство, Македонија стана членка на европскиот систем за прекугранични плаќања – СЕПА.

Зоран Ставрески, поранешен министер за финансии и актуелен советник за банкарство во Владата, има искуство и во Светска банка. Познат е и по контроверзната изјава од „бомбите“, која предизвика бурни реакции во јавноста.

Трајко Славевски, исто така поранешен министер и сегашен претседател на Советот на Град Скопје, е професор на Економскиот факултет.

Меѓу потенцијалните кандидати е и Маја Кадиевска Војновиќ, поранешна вицегувернерка со искуство во комерцијалното банкарство и во партиските структури. Професорот Борче Треновски, член на Советот на Народната банка, е активен и во академската и во регулаторната сфера.

Процедурата – претседателски предлог, собраниска одлука

Според законот, кандидатот за гувернер го предлага претседателот на државата, а изборот го врши Собранието со минимум 61 глас. Мандатот на гувернерот трае седум години.

Изборот на нов гувернер доаѓа во чувствителен момент за макроекономијата, па се очекува внимателна и стратешка одлука што ќе ја задржи стабилноста на монетарната политика.