Нема нови критериуми кога станува збор за пристапување на земјите кандидати кон ЕУ, сега за сега.​ Изјавата на еврокомесарката Марта Кос е дадена во поинаква конотација и таа не се однесува на Македонија како држава. ​Ние имаме целосно усогласена безбедносна и надворешна политика со Европската Унија. Работиме на реформската агенда и ќе направиме се да бидеме најдобри на тој план како и досега, вели премиерот Христијан Мицкоски.

– Нема нови критериуми кога станува збор за пристапување кон ЕУ на земјите кандидати, сега за сега. ​Ќе видиме што ќе се случува понатаму. Има неколку предизвици коишто се пред нас не само како држава, туку и на самата Европска Унија. ​Изјавата на еврокомесарката е дадена во поинаква конотација и таа не се однесува на Македонија како држава. ​Ние имаме целосно усогласена безбедносна и надворешна политика со Европската Унија. Имаме апсолутно целосна доверба во рамките на Европската Унија, изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање по потпишувањето на Договорот за проектирање и изградба на интерконективниот гасовод Македонија – Србија.

Тој додаде дека Владата работи на реформската агенда, на исполнување на реформите.

– Во декемврискиот извештај бевме најдобри, очекувам истото да биде и во јунскиот извештај. Продолжуваме во таа насока и во периодот што следи. ​Тоа што е наша обврска надвор од билатералните услови, ние ќе си го испорачаме и ќе бидеме најдобри. И сме најдобри. ​Така што продолжуваме во тој правец, рече македонскиот премиер.