Израел ја постави црвената линија, доколку заложниците не се ослободат до Рамазан, копнените сили ќе влезат во Рафах и покрај растечкиот притисок на меѓународната заедница.
„Ако до Рамазан заложниците не се дома, борбите ќе продолжат насекаде, вклучувајќи ја и Рафах. Ќе го сториме тоа координирано во дијалог со американските и египетските партнери за да се минимизираат цивилните жртви“, изјави Бени Ганц, министер и член на воен кабинет на Израел.
Шефот на европската дипломатија вели дека засега во рамки на Унијата не постои единствен став за повик кон Израел да се воздржи од офанзивата во Рафах.
„Единствен начин е ослободување на заложниците и траен прекин на огнот, што ќе овозможи да се бара политичко решение“, изјави Жозеп борел, висок претставник на ЕУ за надворешни работи.
Бразилскиот претседател војната во Газа ја спореди со холокаустот, на што премиерот Нетанјаху му одговори дека е антисемитист.
„Тоа што се случува со палестинскиот народ, не постои во ниту еден друг историски период. Тоа се случи кога Хитлер реши да ги убие Евреите. Тоа што се случува во Појасот Газа не е војна, тоа е геноцид“, изјави бразилскиот претседател, Луиз Инасио Лула да Силва.
За да се ослободат заложниците потребно е да се изврши притисок врз Хамас, а тоа е возможно само ако Катар сака, потенцира Нетанјаху.
„Ослободувањето на заложниците може да се постигне преку силна воена акција и тешки преговори, а тоа вклучува притисок не е само врз Хамас, туку и врз оние кои можат да го притиснат, почнувајќи од Катар. Тие може да го притиснат како никој друг, бидејќи Хамас е финансиски зависен од нив“, изјави израелскиот претседател, Бенјамин Нетанјаху.
Нетанјаху ја отфрла можноста за еднострано прогласување палестинска држава, како одговор на наводниот американски план.
Извор: МРТ