Пронајдоците отсекогаш го менувале текот на историјата, но постојано влијаат и на животот на човекот воопшто. Следат некои секојдневни предмети и појави коишто постојат многу подолго отколку што вообичаено се мисли за нив…
Првите „автоматски“ врати
Првата „автоматска“ врата (којашто самата се отвора и затвора) е измислена во Римски Египет, 1. век н.е., од математичарот Херон од Александрија. Се работи за „механизам“ под верски олтар. Овие врати тој ги опишал во своите дела како изум „бр. 37“.
Замислата била таква што, вратите на олтарот се отвораат кога жртвениот оган во него ќе се запали и се затвораат, кога тој се гасне. Со палење оган во олтарот се создава топлина и притисок во металниот сад што се наоѓа под платформата. Течноста во садот што се загрева (најверојатно вода, но Херон имал предвид и жива – позната и како „течно сребро“) влијае на помошниот сад и тегот отстрана, поврзани со големиот сад, т.е. на нивната тежина и, преку превагнување и со јажиња, тие ги отвораат и затвораат вратите на олтарот.
Главната цел на овој изум била поголема драма при верските свечености којашто ќе ги натера луѓето да веруваат дека вратите се отвораат од божествата.
Дуксер
Дуксерите со качулка како секојдневна облека денес ги сакаат и носат луѓе од сите возрасти, па на многумина, им изгледаат како неодамнешна модна појава. Историјата, пак, вели дека ова парче унисекс-облека првпат било направено во 1930-тите во САД, и тоа како работничка облека… Слично како и фармерките, всушност, кои се, сепак, постар изум.
Првиот 3-Д филм
Верувал некој или не, првиот 3-Д уметнички филм е направен во 1922 година.
За споредба, првата „подвижна слика“ (трае само неколку секунди) се појавила кон крајот на 19. век, под наслов „Кадар од градината на Раундхеј“ („Roundhay Garden Scene“, Лидс, северна Англија, 1888). Првиот македонски филм се едноминутните снимки наречени „Баба Деспина“, на браќата Манаки, од 1905 година. Првиот краток филм во боја е британскиот „Излет на приморјето“ од 1908, а првиот звучен долгометражен филм е „Џез-пејачот“ од 1927 година.
„Моќта на љубовта“ („The Power of Love“), од 1922. било американска љубовна драма – филм без звук, приказна за наметнатата и за забранетата љубов. Филмот бил снимен и режиран од филмаџиите Хари К. Фејрал и Роберт Ф. Елдер, кои притоа го смислиле механизмот со двојна стереокамера и тн. црвено-зелен анаглифен систем.
Ова 3-Д искуство исто така ѝ овозможило на публиката да одбере дали филмот ќе заврши среќно – со затворање на злобниот сопруг кој убива човек сакајќи за тоа злосторство да го намести тајниот љубовник на сопругата, или трагично – со смртта на несреќно омажената жена која со телото го заштитува својот сакан „забранет љубовник“ од куршумот наменет за него.
Сепак, луѓето тогаш не го прифатиле овој нов филмски 3-Д формат, па така бил прикажан само двапати. Во обична 2-Д верзија бил прикажан уште неколкупати, а денес тие ленти се сметаат за изгубени
Операција на мозокот
Постојат докази дека прецизната операција на мозокот како „медицинска процедура“ е всушност стара колку и некои примитивни алатки. Остатоци од хируршки алатки и операции на мозокот кои датираат од неолитот се пронајдени во Европа. Успешни операции на мозокот изведувале и Инките и нивните предци.
Брза храна
Во Стариот Рим имало тн. термополиуми, што во превод значи – „продавници за топла храна“. На термополиум најчесто оделе сиромашните луѓе, кои не можеле да си дозволат приватни кујни. Вакви јавни места се ископани кај градовите Помпеја, Херкуланум итн.
Во еден термополиум којшто содржи осум „тезги“, а е целосно ископан во 2020 година кај Помпеја, покрај фреските што ја отсликуваат достапната храна, една слика прикажува куче со своевиден „поводник“, што можеби укажува дека луѓето и тогаш се сетиле да ги врзат своите миленици за себе. Пронајдени се и тегли за разни пијалаци, украсен бронзен сад за пиење – „патера“, разни чаши за вино, амфора, како и ќерамички садови за готвење чорби и супи.