Фудбалерот на Евертон, Џек Грилиш, официјално им се извини на навивачите и на сите вработени во клубот за своето неодамнешно отсуство. Неговото неиграње на претходните натпревари беше резултат на дисциплински прекршоци.

Грилиш, кој настапува како позајмен играч од Манчестер Сити, ги пропушти последните четири натпревари на тимот од Премиер лигата. Тој својот претходен официјален настап за екипата од Ливерпул го забележа на 17 октомври.

Англискиот офанзивец се врати на теренот на контролниот натпревар против екипата на Дерби, што беше организиран зад затворени врати. По завршувањето на мечот, фудбалерот се огласи преку социјалните мрежи за да го образложи своето отсуство.

„Обожавам да играм за овој клуб и едвај чекам повторно да играм пред вас во дресот на Евертон. Се гледаме наскоро“, напиша Грилиш.

Менаџерот на Евертон, Дејвид Мојс, одби да изнесе детали за однесувањето на Грилиш пред јавноста. Од клубот претходно, пред гостувањето кај Њукасл на 2 ноември, единствено соопштија дека 31-годишниот фудбалер не бил подготвен за игра.

Грилиш своевремено важеше за најскап фудбалер во историјата на британскиот фудбал. Тој премина од редовите на Астон Вила во Манчестер Сити во 2021 година во трансфер вреден 100 милиони фунти.

Тој беше клучен дел од составот на Сити кој во 2023 година стигна до тројната круна со освојувањето на Премиер лигата, ФА Купот и Лигата на шампионите, но во изминатите две сезони ја загуби улогата на стандарден првотимец.