Научниците утврдиле дека луѓето кои почесто јадат јајца имаат понизок ризик од деменција

Редовното внесување јајца во исхраната е поврзано со намален ризик од развој на Алцхајмерова болест, покажуваат резултатите од истражување. Наодите укажуваат дека почестото консумирање јајца може да има позитивно влијание врз здравјето на мозокот.

Јајцата содржат холин, лутеин и зеаксантин, хранливи материи кои учествуваат во поддршка на меморијата и процесите на учење. Тие исто така помагаат во намалување на оксидативниот стрес, кој може да има влијание врз функцијата на мозокот.

Истражувачите откриле поврзаност меѓу зачестеноста на консумирање јајца и ризикот од деменција. Кај луѓето кои јаделе јајца неколку пати месечно бил забележан 17 отсто помал ризик.

Почестото консумирање носи поголема поврзаност

Според истражувањето, кај лицата кои јаделе јајца неколку пати неделно ризикот бил намален за 20 проценти. Кај оние кои ги консумирале речиси секојдневно, намалувањето достигнало 27 проценти.

Јајцата се сметаат за хранлива намирница бидејќи содржат протеини, здрави масти, лецитин и витамини А, Д и Е.

Нутриционистите препорачуваат јајцата да се комбинираат со зеленчук и леб од цело зрно, како дел од разновидна и балансирана исхрана.