Јавниот обвинител Љубомир Јовески денеска на седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците го презентираше годишниот извештај за работата Советот на јавните обвинители за 2021 година, притоа информирајќи дека Основните јавни обвинителства во извештајната година постапувале против 45 405 сторители на кривични дела.

– Од вкупно 35 733 кривични пријави за лица, основните јавни обвинителства решиле пријави против 22 426 лица или 62,8 проценти, а на крајот на годината останале во работа кај други органи кривични пријави против 13 307 лица или 37,2 проценти. Ако се има предвид податокот дека на крајот на 2021 година останале нерешени 14 800 предмети, неспорно се заклучува дека ЈО и покрај тоа што функцијата ја извршува со намален број на обвинители не само што го совладува приливот на нови предмети, туку и го намалува бројот на нерешени предмети на крајот на годината, подвлече Јовески.

Во 2021 година обвинителствата постапувајќи по кривични пријави презеле дејствија на собирање потребни податоци и известувања во 8 296 случаи, а во предистражна постапка од јавните обвинители биле преземени истражни дејствија против 13 000 лица.

– Основните јавни обвинителства заедно со ОЈО ГОКК врз основа на прибраните потребни податоци и известувања презеле истражни дејствија против 12 947 лица, издале наредби за вештачење, излегле на увид во 1831 случај и прибавени се докази со испитување на обвинет и сведоци во 8251 случај, донеле јавнообвинителски одлуки против 22 426 лица или го решиле вкупниот обем на работа од 62,8 проценти. Отфрлени се кривични пријави против 8 798 лица, поднесени се обвинителни предлози против 4918 лица, поднесен е предлог за казнен налог против 6 326 лица, против 1 307 лица донесени се наредби за спроведување на истрага, против 945 лица пријавите се решени на друг начин, посочи Јовески.

ОЈО во 2021 година донеле наредби за спроведување истражна постапка против 1 307 лица и постапувале по нерешени истраги против 983 лица од претходните години.

– Ваквите резултати се остварени со 172 јавни обвинители што е помалку од две третини од предвидените 262 јавни обвинители. Оваа состојба е резултат на тоа што нема кандидати со завршена Академија за судии и јавни обвинители, а јавен обвинител може да се избира само од оние кои ја завршиле Академијата. Не е подобра состојбата ниту во јавнообвинителската стручна служба, особено има недостаток на информатичари бидејќи во сите обвинителства во државата се вработени само четири информатичари, додаде Јовески.

Според пратеничката Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ „не треба да негуваме правен илузионизам и да мислиме дека ќе го смениме начинот на избор на јавните обвинители и дека ќе го решиме проблемот“.

– Не. Изборот не говори само за избраните, изборот говори за избирачите. За правниот и за етичкиот профил, но и за стручноста и компетентноста, не говорам јас директно за вас како за прв човек туку за целата јавнообвинителска фела. Првите луѓе секогаш го персонифицираат системот. И покрај поинаквиот избор како да има некој вграден чип во главите на јавните обвинители кој се вика чип на партизација и политизација и мене не ми е јасно како може да го изберат токму оној кој најмалку го познаваат. Ова е доказ за она што не смее да постои во судската фела како најважна, зборува за споил систем дека сепак на оние победниците во политиката им припаѓаат начини на влијание врз изборот, а ја нема мерит филозофијата која е неопходна, рече Силјановска-Давкова.

Чудно е, додава таа, и крајно невообичаено во вакви избори во последен миг да се откажат кандидати.

– Не можам да поверувам дека тоа го сториле од респект заради супериорноста на кандидатот, тоа воопшто не е прифатливо. Се откажале зашто знаеле дека нема да бидат избрани и зошто не сакале да го ризикуваат дигнитетот и интегритетот, рече Силјановска-Давкова.