Кај многу луѓе ваквиот ритам во спиењето е нарушен поради професијата. Бројни професии имаат потреба од работа во смени и ова може да доведе до навистина голем проблем во континуитетот и хигиената на спиењето.

Во медицината постои и состојба поврзана токму со овој феномен и е наречена нарушување на сонот од работењето во смени.

Што претставува нарушување предизвикано од работа во смени?

Ваквата состојба е категоризирана како нарушување во циркадијалниот ритам. Циркадијалните ритми се 24 часовни циклуси кои се контролирани од биолошкиот часовник на телото. Еден од најважните и најпроучени циркадијални ритами е токму циклусот на будење и заспивање.

Ваквото нарушување во ритамот е карактеризирано со нарушен баланс меѓу телото и ритамот кој го контролира циклусот. Ваквиот ритам е главно контролиран од природната светлина. Преку ден, светлото кое го регистрираат нашите очи, ни помага да сме будни и фокусирани, додека со стемнувањето доаѓа до лачење на хормонот мелатонин, кој е заслужен за поспаноста која ја чувствуваме.

Бидејќи кај работниците во смени одржувањето до овој ритам е оневозможено, често доаѓа до дисбаланс и нарушување.

Главните симптоми се: несоница, прекумерна поспаност и чест губиток на сон. За дијагностицирање на ова нарушување, потребно е ваквите симптоми да се постојани и повторувачки во период од еден месец и покрај обидите на пациентот да го регулира ритамот на спиење.

Проблеми што се јавуваат поради ова нарушување

Нарушувањето на сонот може да влијае различно кај луѓето во зависност од нивната работа и смени. Луѓето кои работат ноќни смени може да имаат различни симптоми од оние што работат смени рано наутро. Нивото до кое работата во смени ќе влијае на пациентот е исто така различно и индивидуално. Некои луѓе со текот на времето се навикнуваат на работата навечер и спијат во текот на денот, но за ваквата адаптација е потребно време.

Доколку не се третира, ваквата состојба може да има некои изразени, сериозни ефекти:

Проблеми со расположението

Ваквата состојба може да предизвика луѓето да се чувствуваат нетрпеливо, раздразливо и да не се во можност да се справат со проблеми или конфликти. Многумина избегнуваат интеракција со колегите додека се на работното место, а исто така луѓето може да се помалку расположени за да се дружат со пријателите и членовите од семејството кога не се на работа. Луѓето со вакво нарушување имаат поголем ризик за појава на депресија, отколку оние без ваквата состојба.

Намален перформанс и продуктивност на работното место

Луѓето кои страдаат од ваквото нарушување имаат потешкотии со концентрацијата, вниманието и меморијата. Ова секако допринесува за намалена продуктивност, но и потенцијални потешкотии и проблеми при извршување на задачите на работното место. Долгорочно, ова може да претставува сериозен проблем за работниците во смени.

Поголем ризик од незгоди

Бидејќи ваквото нарушување ја намалува будноста и времето на реакција, тоа директно ги става работниците во поголем ризик да направат грешки или да бидат вклучени во некоја несреќа. Покрај несреќите на работното место, овие лица имаат поголем ризик да имаат сообраќајна несреќа за време на нивното патување до или од работното место, поради поспаноста која може да се јави за време на возењето.

Влијае врз здравјето на работниците

Спиење 7 – 9 часа е неопходно за обнова и репарација на телото и имуниот систем. Нарушувањето поради работата во смени и недостатокот од сон кое тоа всушност го носи, може да ги влоши веќе постоечките здравствени проблеми, но и да го ослабне имуниот систем. Поради хронично недоволен сон, доаѓа до значително намалување на квалитетот на живеење.

Третирање на состојбата

Околу 20% од луѓето во високо развиени, индустријализирани држави, работат во смени. Од таа бројка, 10 до 38% од работниците ќе го имаат ваквото нарушување, кое се карактеризира со прекумерна поспаност и несоница. За среќа, постојат неколку вида на терапии и промени во начинот на живот кои можат да помогнат со справувањето со ваквото нарушување.

Терапија со светлина

Светлината е главниот двигател на циркадниот ритам, па изложеноста на светлина во точно зададени периоди може да помогне со регулирање на циклусот на спиење. Поконкретно, силна светлина ја зголемува будноста и го инхибира создавањето на мелатонинот, а со тоа помага при одложување на поспаноста. Темпирањето на изложеноста кон силна светлина е клучно во ваквата терапија и треба да биде во склад со смените кои претстојат.

Спротивно на изложеноста на светлина, за периоди кога ни е потребен сон, лимитирањето и избегнувањето на светлина може да помогне со лачење на хормонот мелатонин. Доколку спиењето се одвива во текот на денот, добро затемнета просторија е клучна за подобар сон.

Земање на мелатонин како суплемент

При работењето во нестандардни смени, земањето на ваков суплемент може да го подготви и поттикне вашето тело за спиење. Според некои истражувања, мелатонинот земен како суплемент, помага на работниците од ноќните смени да имаат подобар сон во текот на денот. За земање на ваков суплемент, најдобро е претходна консултација со лекар. Покрај мелатонинот како суплемент, постојат и разни медикаменти кои може да ги препорача стручно лице.

 

Извор: Д-р Митов