СДСМ ја обвини Владата дека нема кредибилитет кога најавува дека Гостивар утре ќе добие технички исправна вода. Од партијата оценуваат дека по признанието за задоцнета реакција во справувањето со кризата, граѓаните имаат право да се сомневаат во институциите и во најавите што ги дава премиерот Христијан Мицкоски.

Од СДСМ посочуваат дека министерот за здравство Сашо Клековски вчера признал дека институциите задоцниле со реакцијата, додека денес, како што велат, одговорноста се префрла врз локалната власт. „Утре Гостивар треба да добие технички исправна вода, што значи дека таа сè уште не е за пиење. Како да им веруваме кога алармите и црвените светла им се вклучуваат предоцна?“, прашуваат од партијата.

Во соопштението се наведува дека Мицкоски и претходно не исполнил повеќе ветувања поврзани со евроинтеграциите, реформите, правосудството, економските политики и други прашања. Според СДСМ, поради тоа премиерот ја изгубил довербата кај граѓаните.

Од партијата порачуваат дека наместо институциите меѓусебно да ја префрлаат одговорноста, потребно е да се утврди кој е виновен за состојбата со водата во Гостивар и одговорните да понесат одговорност.