Осум дена притвор му е определен на 39 годишниот А.Д. од кумановското село Черкези, поради закани упатени кон премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
СВР Куманово поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ по член 144 став 5 од Кривичниот законик.
Премиерот Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање истакна дека лицето е обезбедено, а институциите превземаат мерки во рамки на своите надлежности.
-Јас дознав вчера за тие закани кои се напишани на социјалните медиуми, дека сум бил свиња и ќе ме колел на плоштад. Упатил пцовки кон мене и моето семејство. Јас сум сепак институција, кога не не бил ова, знам како се решаваат тие работи. Институциите си ги превземале своите надлежности и преку Министерството за внатрешни работи е обезбедено лицето и понатаму преку правосудниот систем ќе биде спроведено каде му е местото, рече премиерот.
Осомничениот во петокот на објава на профил на социјална мрежа на Мицкоски напишал коментар со заканувачка содржина.
Од Обвинителството денеска соопштија дека лицето се јавува како извршител на други кривични дела од областа на насилниот криминал – насилство, лихварство и поголем број на прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир.
Ова биле дел од причините до судија на претходна постапка да биде доставен предлог за определување на притворот.
Дополнително, соопштија од Обвинителството, согласно обезбедените докази во однос на претходното поведение на осомничениот, станува збор за конфликтна личност која влегува во постојани расправии, закани и физички пресметки со пријавители, па се оценува дека постои реален ризик ваквите агресивни испади да прераснат во потешки кривични дела со животозагрозувачки последици со кои се заканува.
