Муслиманите од целиот свет денеска го слават Рамазан Бајрам, или со другото име Фитр Бајрам, кој го означува крајот на едномесечниот пост во текот на месецот Рамазан. Скопскиот муфтија Кенан Исмаили, во интервју за МИА, појасни дека во текот на месецот Рамазан додека луѓето апстинираат од храна и вода материјализмот молчи и одмара, но од денеска верниците повторно се враќаат во нормала со редовно исполнување на своите физички потреби, само што овој пат, многу посвесни и поразлични од тоа што биле пред светиот месец Рамазан.
Што претставува Рамазан Бајрам, или поинаку Фитр Бајрам за муслиманите?
– Во исламската вера празниците не се поврзани со некој историски датум, тие се поврзани директно со личните победи. Историските датуми се спомнуваат, додека празниците се празнуваат по дадениот придонес на лицето коешто се потрудило за истото. Во овој случај нашиот труд вложен во текот на овој месец на обожување, поточно постот, кој трае 30 дена, започнува кога луѓето апстинираат од храна и вода, се грижат за сиромашните, сирачињата, ја делат својата храна со другите и поминуваат повеќе време со обожување. Со оглед на целиот овој труд во текот на еден месец, според поуките на Мухамед а.с. на денот на Бајрам луѓето се веќе простени, а штом се простени верниците тоа и го празнуваат.
Какво значење има зборот „фитр“ и како се поврзува со месец Рамазан и со празникот Бајрам?
– Изворот на ова е на арапски од цитатите на Пророкот а.с., значи изразот „еид“ значи слава или празник кај Арапите, а во превод значи „враќање“. А каде би можеле да се враќаме? „Фитр“ значи природност, значи ние се враќаме во нашата природност. Затоа што во текот на целиот месец ние сме живееле еден неприроден живот. Денот на Бајрам е денот кога ние се враќаме на нашата природност. Во ова враќање ние сме должни да воспоставиме рамнотежа, колку труд сме вложиле за духовното толку треба и за материјалното, се враќаме во нормалниот живот.
Додека зборот „фитр“, го носи и значењето на ифтар, истиот ифтар кој ние го практикуваме на крајот на денот кога постиме. Бајрам е денот на ифтар за целиот месец Рамазан. Значи сме постеле цел Рамазан и од овој момент правиме заеднички ифтар и веќе се враќаме на нормалниот живот и ги исполнуваме нашите физички потреби.
Како влијае целата процедура во општествениот и духовниот живот на муслиманите?
– Од општествен аспект, се социјализираме со сите луѓе преку помошта што ја даваме и преку споделувањето со други луѓе на тоа што го поседуваме ние самите. На овој начин во текот на месец Рамазан материјализмот молчи и одмара, се појавува духовниот дел. Веќе тоа што е мое не е само е мое, туку е и твое, моето стекнато богатство го споделувам со тебе. За Бајрам, не се радувам само јас со нова облека, со благо, со еден празничен комодитет, туку сето тоа го споделувам со другиот затоа што сакам и мојот роднина, и мојот комшија и сиромавот што го познавам од мојата населба, без разлика на која вера припаѓа, тој ден и тој треба да биде среќен.
Сето ова има големо влијание за да стане човекот посвесен во текот на Рамазан. Во текот на овој месец човекот го анализира пред се духовното, ја анализира и реалноста како и општеството и веднаш по Рамазан, уште од првиот ден на Бајрам, тој човек е многу поразличен од тоа што бил.
По две години со рестриктивни мерки против КОВИД-19, муслиманите годинава ќе го празнуваат Рамазан Бајрам без физички ограничувања. Колкаво влијание има оваа сегашна слобода врз верниците?
– Покрај модернизирањето што толку многу не раздели еден од друг каде што почнавме честитките да ги упатиме само преку телефонска порака, по појавата на КОВИД-19 требаше да се штитиме и да внимаваме за да немаме физички контакт со луѓето, ова доведе до поголема дистанца меѓу луѓето и семејствата. Сега со укинувањето на мерките за заштита од КОВИД-19 и Рамазан годинава помина поинаку, изгледа Господ откако ќе ни одземе нешто, потоа ни го враќа тоа за да ја знаеме вредноста на истото.
И Бајрам е ист, Господ ни ја одзеде слободата да славиме и сега ни се врати и убеден сум дека како што помина овој Рамазан, така и овој Бајрам ќе биде малку поинаку. Ќе се вратиме во реалноста, ќе се вратиме на она што Господ и пророкот Мухамед ни заповеда да се сакаме еден со друг, да се почитуваме, да одиме на меѓусебни посети.
Која е Вашата порака за Рамазан Бајрам за сите верници од исламска вероисповед, но и за сите граѓани на други верски припадности во нашата земја?
– Јас само би кажал дека тоа што го научивме во месец Рамазан не треба да заврши на денот на Бајрам. За време на Рамазан, ние научивме дека можеме да живееме гладни, научивме дека можеме да бидеме еден покрај друг, научивме дека тоа што го јадам јас можам да го споделам и со другиот, научивме дека сиромашните имаат потреба од богатите, дека богатството не е само наше, туку треба да го споделиме со другите, научивме дека мора да им помогнеме на сиромашните, на сираците, и ова што го научивме за време на Рамазан, треба да ги примениме и после Рамазан, да не ги затвориме само во рамазанските полици, туку ова да биде неразделен дел од нашиот живот, бидејќи вака не научил и Господ и неговиот Пророк а.с. Кога ние би можеле да продолжиме со овие учења и после Рамазан, на овој свет би доминирала хармонија, мир, љубов и среќа меѓу луѓето.
Со оглед на тоа дека муслиманите времето го сметаат по Хиџретскиот календар кој се води по лунарни пресметки, Фитр Бајрам, односно месец Рамазан, оваа година започна десет дена порано за разлика од минатата година кога беше на 13 мај, односно 12 април. Централната церемонија на Исламската верска заедница за Бајрам Намаза се одржа во историската џамија Мустафа Паша која се наоѓа во близина на скопското кале.