Од голема трагедија до мета на меѓусебни преписки. Не стивнуваат реакциите по падот на рускиот воен авион со 74 патника, од кои 65 украински затвореници во близина на украинската граница. Киев бара меѓународна истрага која би ги разјаснила околностите за падот на леталото.
„Мора да се утврдат сите јасни факти, имајќи предвид дека авионот се урна на руска територија – надвор од наша контрола. Слушнав извештај од врховниот командант и Генералштабот. Службата за безбедност на Украина ги истражува сите околности. Дадов инструкции министерот за надворешни работи да им ги достави на нашите партнери информациите со кои располага Украина. Нашата држава ќе инсистира на меѓународна истрага“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Москва обвинува за терористички акт и го обвини Киев за соборувањето на авионот. Рускиот министер за надворешни работи Лавров, изјави дека побарале итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации.
(ВИДЕО) Над 70 загинати: Се урна руски воен авион кој превезувал украински заробеници
Франција, која претседава со Советот го отфрли барањето на Русија, за што Москва вели дека е злоупотреба на овластувањата.
„Штом се дозна дека ова е лет со кој се превезуваат воени заробеници за размена, украинската пропаганда веднаш почна да брише извештаи и се обидува да дојде до некои други објаснувања. Поради оваа причина, инсистираме да се свика состанок на Советот за безбедност на кој украинската страна би можела да каже како се случило сево ова“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Белата куќа соопшти дека не може да ги потврди извештаите за причината за падот на рускиот воен транспортен авион.
„Немаме доволно информации за да коментираме за оваа авионска несреќа каде што ги видовме извештаите за неа, се обидуваме да добиеме повеќе информации. Знаете, Украинците тврдат едно, Русите тврдат друго, а ние едноставно не знаеме доволно за да го коментираме тоа“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.
На фронтот продолжуваат битките. Соборени над 14 летала главно на југот од Украина.
Извор: МРТ