Кинеската војска почна со воени вежби, кои се очекува да траат до пладне во недела, јавува Ројтерс, наведувајќи дека тие вклучуваат и пукање од живо во водите и воздушниот простор околу Тајван.

Вежбите на кинеската армија доаѓаат како одговор на посетата на претседателката на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Ненси Пелоси. Тајван, пак, ја истакна состојбата на подготвеност, наведувајќи дека војската соодветно ќе одговори на непријателската ситуација.

– Сите сили на тајванската армија спроведуваат дневна обука како и обично – се наведува во соопштението на тајванското Министерство за одбрана.

Тајванските власти објавија дека се сомневаат дека над островот летале беспилотни летала, а цел на хакерски напади била веб-страницата на Министерството за одбрана на Тајван.

Генерал-мајор Чанг Зоне-сунг, од воената команда за одбрана Кинмен, рече дека беспилотните летала дошле во парови и двапати влегле во областа Кинмен. Тајванската војска потоа истрела ракети како предупредувачки знак.

– Влегоа во нашата забранета зона и затоа ги растеравме – рече тој.

Кина, која тврди дека Тајван е нејзина територија, во четвртокот рече дека нејзините спорови со островот се внатрешно прашање, пренесе Аваз.ба.