Како што беше речено денеска на прес-конференција, освен ценовен шок за домашните потрошувачи, може да се очекува и згаснување на некои од преработувачките капацитети.

Отпуштања засега нема, велат преработувачите и додаваат дека ако се исполни нивното барање за враќање на моментно преполовените количини за увоз, сите вработени ќе бидат задржани.

-Месната индустрија не бара субвенции од државата, туку изедначување на условите за стопанисување, со оглед дека оваа суровина целосно ја увезуваме од ЕУ каде нема царина. На тој начин, домашната месна индустрија ќе може да опстои и да го задржи постоечкото ниво на производство, нема да има отпуштање на вработените и не би биле на товар на државата, истакна претседателот на Групацијата за производство на месо и преработки од месо при Стопанската комора на Македонија, Гоце Трајчев.

Во случај на неприфакање на барањето, Групацијата покрај поскапувањата и затворањето на капацитетите, најавува дека ќе бара вклучување во идните социјални пакет-мерки на Владата.

Групацијата минатата недела до Министерството за економија поднесе барање за враќање, односно за ослободување на скратените количини од последната мерка на Владата за укинивање на царинските давачки на замрзнато свинско месо за преработка. Целта на барањето е да се вратат редовните количини кои во регуларни услови на стопанисување и беа одобрувани во изминатите три години, а во октомври 2020 година беа преполовени на 3.200 тони, иако беше измината скоро една година од појавата на пандемијата.

-Апелите за стимулирање на домашната потрошувачка преку пакет-мерките донесени од страна на Владата делумно ја одржаа потрочувачката, но се далеку од доволни за да може месната индустрија во земјата да продолжи да опстојујва. Досега домашните производители на месни преработки не бараа никакви субвенции, ниту има користено некој од пакет-мерките, а помагаа за решавање на проблемите на домашните фармери – производители на свинско месо преку откуп на целиот вишок што го има на пазарот. Доколку не се одобрат количините кои и претходно беа одобрувани и тоа навремено, односно за помалку од еден месец, може да случи пропаѓање на уште некој капацитет од месната индустрија. Индустријата користејки ја оваа мерка од 2018 година наваму, соодветно одговори на увозот на готови роизводи од странство преку негово намалување за над 28 отсто или од 13 милиони килограми во 2017-та на 9 милиони во 2020 година. Притоа, дел од капацитетите остварија и извоз во земјите на ЦЕФТА, истакна Трајчев.

Месната индустрија во февруари побара од Владата со петтиот пакет антикризни мерки да ги врати картичките „Купувај домашно“ за граѓаните да ја трошат државната помош на домашни производи.