Средствата за менструална хигиена (влошки, тампони, чашичка и слични производи), ќе имаат повластена даночна стапка од 5 проценти, соопшти денеска премиерот Димитар Ковачевски, и рече дека ова е владин придонес во борбата со менструална сиромаштија. Со намалувањето на данокот на додадена вредност од 18 на 5 отсто на производите за менструација ќе се намали продажната цена.
„Врз основа на иницијативите од страна на група пратеници како и од граѓанскиот сектор, со новиот концепт на даночна реформа направивме решение кое ќе овозможи поголема достапност на овие производи до сите жени и девојки независно од економската положба и куповната моќ“, рече Ковачевски.
Изминативе години, неколку невладини организации и здруженија постојано истражуваа и апелираа до институциите дека е потребно целосно ослободување или намалување на ДДВ за овие производи. Тие, исто така, апелираат дека на товар на државниот буџет треба да има бесплатни производи за ученичките во основните и средни училишта, а да бидат достапни и во јавните тоалети низ земјава.
Жената во Македонија во текот на својот живот троши осум месечни плати само за трошоци поврзани со менструални производи и лекарства за менструална болка, покажаа резултатите од студијата за пристапот до менструална хигиена во Македонија насловена „Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“, објавена лани.
Уште во 2019, истражувањето на здружението Новинари за човекови права и Институтот за јавно здравје покажа дека 15 отсто од девојчињата во Македонија користат весници наместо хигиенски влошки за време на менструалниот циклус, поради високата цена на средствата за лична хигиена. Истражувањето било направено во 2018 во април и мај, во Скопје, Велес и Куманово, со 800 испитаници, на возраст од 14-45 години.
Лани во буџетот за 2022 Советот на Град Скопје предвиде 32.000 евра со кои средношколките во училиштата во Скопје под надлежност на Градот ќе добиваат бесплатни менструални производи.