Најмалку шест лица се приведени во акцијата против криминална група осомничена за криумчарење и нелегална трговија со лекови, медикаменти и медицински суплементи. Претреси се вршеле на десетина локации во Скопје, Тетово и Гевгелија, а според министерот за здравство Сашо Клековски, во центарот на истрагата се суплементи за потенција.

Клековски, во вечерашното гостување во „Топ тема“ на ТВ Телма, изјави дека не станува збор за лекови, туку за додатоци и надрилекарски производи. Тој посочи дека случајот е поврзан со претходна акција, но не и со случајот со ботокс.

„Во прашање не се лекови, туку додатоци и надрилекарства. Случајот е поврзан со претходна акција, која не е поврзана со ботокс, а сите заедно се поврзани со сузбивање на шверцот и нелегалната трговија на лекови и суплементи и други средства кои предолго време претпоставувам биле толерирани, а може да доведе до големи несакани последици“, изјави Клековски.

Министерот нагласи дека нелегалните суплементи не носат само финансиски, туку и здравствени ризици.

„Во основа се додатоци кои имаат тревки во различни комбинации кои се продаваат со различни својства, како поддршка на машкоста, подобрување на работа на еден, друг, трет орган кои не се регистрирани во земјава за таква намена и се комплетно надвор од законот“, додаде Клековски.

Телма претходно објави дека акцијата почнала утринава и дека е насочена против криминална група осомничена за криумчарење и нелегална трговија со лекови, медикаменти и медицински суплементи.

Од Министерството за внатрешни работи за МИА потврдиле дека полициската акција е насочена кон сузбивање криминална група вмешана во криумчарење стоки и извршување коруптивни кривични дела.

Акцијата се спроведува под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а во неа постапува Одделот за сузбивање организиран криминал при МВР. Дел од медиумите објавија дека претресите се вршат на повеќе локации во Скопје, Тетово и Гевгелија.