Низ штипските населби почнаа да се затвараат помалите дуќани. Граѓаните затекнати, а сопствениците со образложение дека последната сметка за струја, била причината да стават клуч на врата. За ваквата состојба на терен потврдува и економскиот аналитичар од Штип, Глигор Ивановски, кој вели дека актуелните анализи покажуваат оти помалите компании, како и супер маркетите се први на удар од високите сметки за електрична енергија.

Според него, ударот ќе го почувствуваат сите, меѓутоа за помалите компании тој може да биде и фатален, како и да доведе до нивно затворање, а работници да си заминат дома. Посочи дека ако претходно имаше зголемување на сметките за пет до седум процент, сега тоа е до 15 проценти со што станува неподносливо за бизнис секторот.

-Многу од помалите малопродажни објекти размислуваат за затворање на дел од своите малопродажни објекти, со цел да се концентрираат објектите во еден помал продажен простор, како би можеле да ја издржат оваа невообичаена цена на електричната енергија. Бидејќи има и еден друг момент, ние знаеме која е цената на струјата денес, но не знаеме колку ќе биде утре. Се соочуваме со една неизвесност која во економијата е најтешка работа, бидејќи кога некој може да планира на подолг рок ќе знае што го очекува наредните месеци, но кога не може да влијае на висината на цената на електричната енергија тоа влијае и на деловната политика, вели Ивановски.

Посочи дека со вака високи цени на електричната енергија не сме се соочиле досега.

Според Ивановски, извршната власт треба да реагира на време за да се спречи ценовен шок, но како што вели тој, кај нас, фактите покажуваат дека извршната власт се занимава со лечење на последиците.

-Таа мора да предвидува, да планира. За жал, кај нас подолго време извршната власт се занимава со лечење на последиците од нешто што се случува, а причините не ги воочува на време, не ги предвидува, не ги планира. Ова не се случува од сега, еве цела година е војната во Украина, од февруари месец, пред тоа беше короната. Ние знаеме дека нешто ќе се случи во делот на цените на енергенсите. Посебно на електричната енергија, па и на нафтените деривати. Од апект на акцизата на нафтените деривати ја намали во учеството во крајната цена, но за таа сметка цената расте, рече Ивановски.

Во овој момент подготвени остануваат само банките, бидејќи како што вели, нивниот производ на продажба се парите и тие се поимуни на цените на електирчната енергија.

Текстилството има нарачки, но, како што велат бизнисмените, високите сметки за струја им се главоболка

Текстилните компанија се вратија во живот по пандемија, во моментов имаат нарачки и склучени договори со странските партнери. Претставникот на Кластерот за текстил од Штип, Кирил Нашков вели дека главен проблем на бизнис секторот во Штип е како да се платат високите сметки за струја. Посочи дека нивните анализи покажуваат оти последните сметки за струја им се од четири до пет пати повисок, па во ваква ситуација какошто вели подобро е да се стави клуч на врата, отколку да се работи со загуба.Според него и фирмите кои биле подготвени за ваквиот удар, со тоа што навреме си поставиле фотоволтаични панели, на крововите на фабриките подобро е да завторат и да произведуваат електрична енергија.

-Фирмите веќе некои се припремаа за овој проблем со инсталирање на фотоволтаучни панели, други не стигнаа, значи различно ќе бидат погодени. Тие со панели ќе бидат помалку погодени, но ќе биде тешко кога ќе помине летото сончеви денови ќе има се помалку, цената на струјата не престанува да се покачува така да многу ќе биде тешка ситуацијата. Станува евидентно дека некои од фирмите, подобро е да се затвори фирмата, вели Нашков.

Голем дел од текстилните комапнии не можат да излезат на крај со предизвикот со електрична енергија од една страна, но од другра страна работа, има додава Нашков.

-Сега кај нас има работа, успеавме да ги зголемиме и цените малку и сега кога требаше да видиме бенифит и фирмите и вработените сега ни се случи ова и пак сме во незавидна ситуација. Генерален проблем мислам не само во текстилната индустрија фалат, се бара луѓе секаде во сите индустрии, тоа не е ништо ново, посочува Нашков.

Забележа дека текстилната индустрија секако ќе бара помош од Владата, но не е сигурен колку таа може да помогне во ваква ситуација.

Сопствениците на штипските текстилни фабрики од пред две години од локалната власт бараат нивниот капитал да го вложат во фотоволтаични центри. Нивните барања за нудење на земјиште за поставување на фотоволтаици ги испорачаа на состаноците на двајца градоначалници, претходно на Сашко Николов, а сега и на актуелниот градоначалник, Иван Јорданов.