Помалата разлика носи поблиско растење, а поголемата повеќе самостојност

Прашањето колкава треба да биде разликата меѓу децата е една од најчестите дилеми кај родителите. Иако не постои совршена формула, психолозите и лекарите посочуваат дека одредени периоди може да бидат полесни и за родителите и за децата.

Според истражувањата, разликата од 18 до 24 месеци често се смета за најбалансирана. Од биолошки аспект, телото на мајката има доволно време да закрепне по првата бременост, а воедно останува во ритам што може да го намали ризикот од предвремено породување.

Психолозите посочуваат дека во тој период првото дете веќе почнува да развива поголема самостојност и полесно прифаќа нови промени во домот, вклучително и доаѓањето на братче или сестричка. Дополнителна предност е што децата имаат слични интереси и заедно минуваат низ многу фази од детството.

Поголемата разлика бара поинаков пристап од родителите

Кога разликата меѓу децата е повеќе од четири години, семејната динамика се менува. Во такви ситуации, експертите предупредуваат дека постарото дете не треба да добива улога на „дадилка“ или дополнителна одговорност за помалото дете.

Секоја помош, велат тие, треба да биде доброволна и соодветно вреднувана, без чувство на обврска или притисок. Без разлика на возраста, психолозите нагласуваат дека неколку правила се важни за добри односи меѓу браќата и сестрите.

Споредувањето создава ривалство меѓу децата

Една од најчестите грешки е споредувањето на децата. Иако растат во ист дом, секое дете има различен карактер и потреби, а споредувањето често создава притисок и љубомора.

Наместо забрани и негативни реакции, се препорачува позитивно вклучување на постарото дете во грижата за бебето. Исто така, родителите треба внимателно да одржуваат рамнотежа, бидејќи постојаното попуштање на помалото дете може да создаде чувство на неправда кај постарото.

Љубомората, според експертите, е природен дел од растењето. Таа не треба да се игнорира, но ниту да се доживува драматично. Кога детето чувствува сигурност и еднакво внимание од родителите, тензијата постепено се намалува, а односот меѓу децата станува посилен.

На крајот, најдобрата разлика меѓу децата е онаа што најмногу одговара на семејството, неговите можности и начинот на живот.