Под владино покровителство на 26-ти февруари со почеток во 20.30 часот во Националната опера и балет ќе се одржи комеморативен концерт по повод 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски со соработниците.

Диригент на концертот е Иван Еминовиќ, режисер на настанот е Љупка Јакимовска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ.

Ќе настапат солистите од Националната опера и балет: Сандра Митровска, сопран, Марика Поповиќ, мецосопран, Јаворка Витанова, солист од хорот, во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

На програмата ќе се изведат дела од В. А. Моцарт, Р. Леонкавало, Џ. Верди и Р. Аврамовски.

Настанот ќе биде збогатен со видео и аудио содржина за која се употребени материјали од архивската документација на МРТВ – документарецот „Верувам во Македонија“, како и фото и видеоматеријали обезбедени од Фондацијата „Борис Трајковски“.

Влезот за настанот е слободен.