Првата линија со тестирања во лето

Првата делница од проектот „Градски воз“, на релација Зелениково – Транспортен центар Скопје, долга 25 километри, треба да биде завршена до јуни годинава. Во текот на летниот период ќе се реализираат тестирања, а линијата се очекува да биде пуштена во употреба од 1 септември. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски информира дека реализацијата се одвива според планираната динамика и дека досега се завршени околу 65 проценти.

Планови за три линии до 2027 година

„Нашата цел е на 1 септември, со почетокот на школската година, да почне да функционира „Градскиот воз“ на линија Зелениково, Драчево, Ново Лисиче, Аеродром, Нова железничка станица. Убеден сум дека ова ќе помогне во растоварување на сообраќајот и намалување на загадувањето“, изјави Николоски. Тој додаде дека се работи и на обезбедување дополнителни возни гарнитури, како и дека се подготвува тендер за преостанатите две делници, со цел целиот проект да биде завршен до крајот на 2027 година и да функционираат три линии.

Замена на старите прагови и поголема брзина

Директорот на ЈП Железничка инфраструктура, Синиша Ивановски, посочи дека во тек е замена на старите дрвени прагови со бетонски, дел од нив стари и повеќе децении. „Очекуваме до крајот на мај или јуни да завршат сите градежни работи. Со новите прагови ќе се овозможи брзина од 80 до 90 километри на час, за разлика од сегашните 20 до 30“, изјави Ивановски.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски оцени дека проектот „Градски воз“, заедно со набавката на нови автобуси и проектот за БРТ, значително ќе го подобри јавниот превоз во Скопје. Според најавите, возот ќе сообраќа на секој час, со возен ред усогласен со автобускиот превоз, додека цената на билетот допрва ќе се утврдува.