Македонската фудбалска репрезентација за играчи до 21 година на 12 ноември ќе одигра контролен натпревар против соодветната селекција на Србија во Нови Сад.

За претстојниот дуел на стадионот „Караѓорѓе“, селекторот на младата национална селекција, Александар Таневски, се определи за состав од 24 фудбалери.

На голманската позиција се повикани: Љупче Џеков од редовите на Силекс, Даниел Диковски од Вардар и Натаниел Димовски од Пелистер.

Во одбранбениот ред се најдоа: Златко Радевски и Лука Атанасовски од Тетекс, Андреј Велков од Брегалница, Давор Росиќ од Охрид, Ѓорѓе Џеков од Силекс, Адис Мурати од Башкими, Андреј Аризанковски од редовите на Шкендија и Ѓорѓе Танчев од Брера.

За средниот ред селекторот смета на: Васил Тасовски од српскиот тим Младост Лучани, Теодор Николовски од Тиквеш, Илија Масларов од швајцарски Лугано, Никола Манојлов од Силекс, Мартин Ѓорѓиевски од словачка Банска Бистрица, Лука Трпевски од Црвена Звезда и Горјан Цветков од Скопје.

Офанзивниот дел од тимот го сочинуваат шест напаѓачи: Никола Величковски од Скендербег, Димитар Данев од Вардар, Адмир Љатифи од хрватски Осиек, Аритон Мехмед од Шкендија Арачиново, Игор Ристов од Брера и Димитар Трајков од албанскиот клуб Влора.