Општина Струмица формираше Координативно тело за справување со загадувањето на воздухот и следење и откривање на загадувачите. Во ова тело ќе членуваат претставници на државни и општински институции со цел да се воведе поефикасна контрола врз еколошката состојба.
Ова е главниот заклучок од денешната седница на Локалниот совет за превенција, на која детаљно се расправаше за активностите и конкретните мерки за заштита на животната средина и квалитетот на амбиенталниот воздух во Општина Струмица.
Според градоначалникот Петар Јанков, оваа година Струмица го зголемила бројот на мерните станици од шест на дванаесет, а на располагање е и станицата на Министерството за животна средина и просторно планирање, со што се создадени услови за прецизно следење на квалитетот на воздухот на повеќе локации.
„Формиравме Координативно тело со цел за размена на информации од сите релевантни институции на локално ниво и сите заедно треба да бидеме покоординирани во справувањето со загадувањето. Разговаравме и дебатиравме за повеќе прашања во делот на аерозагадувањето и притоа произлегоа повеќе предлози, а од следната недела Координативното тело ќе почне да делува и ќе има работни состаноци за да можеме сите заедно да работиме на намалување на аерозагадувањето“, изјави Јанков.
Градоначалникот додаде дека посебен проблем претставуваат дивите депонии, бидејќи речиси секое населено место во Струмица се соочува со ваква појава. Целта на Општината е сите диви депонии целосно да бидат расчистени и да се одредат соодветни места за претоварување и селекција на отпадот, кој понатаму ќе го третира комуналното претпријатие.
Според екоактивистите, загадувањето на воздухот во Струмица не потекнува само од домаќинствата и сообраќајот, туку во определени периоди од денот се бележат сериозни скокови кога има висока концентрација на сулфур, што според нив произлегува од согорување тешки индустриски масла и петрол кокс.
Еколошките здруженија побараа од надлежните органи брзо и ефикасно справување со загадувањето на воздухот, а својот став јавно го изразија и преку транспарент со порака дека е време за превенција, а не само за дискусии.
