Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, по повод одбележувањето на државниот празник Денот на народното востание- 11-ти Октомври, денеска во Куманово на Спомен- костурницата присуствуваше и говореше на свечениот настан под слоганот „Секогаш на вистинската страна“.
Премиерот Ковачевски истакна дека одбележувањето на овој празник е продолжение и насока за нашата иднина, а нашата денешна битка е да продолжиме по патот на напредокот и мирот, без да дозволиме кој било и што било да ни го попречи овој пат.
Tоа што го правиме ние денес, одредува каде ќе бидат нашите деца и нашата држава – утре! Затоа, од најголемо значење е да се биде на вистинската страна! Изборот на нашите претходници покажува дека – да се биде на вистинската страна, значи да се избере патот на мирот и напредокот! И денес, повторно, нашата денешна битка е токму таква – да продолжиме по патот на мирот и прогресот, без да дозволиме кој било, што било и било кога да ни го попречи овој пат!
Таков е заветот, таков е најсветлиот аманет изграден и оставен од нашите предци, кои секогаш и одлучно, ја избирале вистинската страна. Затоа, за секој кој го почитува македонското минато и си ја сака родната земја, ова е патоказот и во одлуките денес и утре! И засекогаш, во сите времиња!
Бележникот на македонската историја испишува дека 11-ти октомври 1941-та година го означува почетокот на антифашистичкото востание и на Народноослободителната борба. Но, тоа значело и продолжување на слободарските заложби за самобитност и државотворност од Илинденското востание, 1903-та година.
Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција, нашата држава во 1941-та година застанала на страната на слободата, на правдата, на целокупното прогресивно човештво, против уништувачкиот фашизам и нацизам во светот.
Водени од илинденската идеја за слобода, македонскиот народ и сите народи во нашата држава, во 41-та, ги формира првите партизански одреди коишто прераснаа во доброорганизирана, над стоилјадна, народноослободителна армија, којашто, по четири години, се избори за слободарскиот идеал.
Данокот на оваа победа е во крв: страдања и загуби на луѓе, на домови и огромни економски штети.
Но, денешна, Република Северна Македонија постои благодарение на ова, 11-октомвриско победничко антифашистичко народноослободително движење, чијшто политички успех е првото заседание на АСНОМ, кога народот го официјализира и идеалот за сопствена македонска држава“ рече Ковачевски.