Постапката во македонското Собрание за уставни измени за вклучување на Бугарите во Уставот на земјава ќе започне во рок од две недели, тврди бугарскиот европратеник и известувач за Европарламентот за земјава, Илхан Ќучук, пренесува МАКФАКС.

– Оваа или следната недела Владата ќе го достави конкретниот предлог на Работната група на расправа во Собранието, изјави Ќучук за бугарската телевизија бТВ.

Европратеникот кој неделава престојуваше во Скопје во рамки на Жан Моне дијалогот во Собранието, за БНТ пак изјави дека при тоа имал средби со претставници и на власта и на опозицијата.

– Врз основа на практиката на Европскиот парламент да не се објавуваат извештаи пред важни прашања, предложив разгледувањето на Извештајот за напредокот на земјата да остане за на есен, изјави Ќучук.

Тој смета дека одлагањето на разгледувањето на Извештајот ќе биде во полза за сите, но пред се за земјава, бидејќи ќе го добие потребното политичко време за да ги реши сите проблеми.

Ќучук изјави дека во извештајот се повикува земјава да води сметка за „нападитe врз лица со бугарска самосвест“ и да преземе мерки согласно законот. Тој негираше дека во подготовката на извештајот не работел под диктат и ги отфрли тврдењата дека од документот ги исфрлил „барањата на Бугарија за престанок на говорот на омраза и за почитување на правата на луѓето со бугарско национално чувство“.

Според него, вклучувањето на Бугарите, Црногорците и Хрватите во Уставот на Северна Македонија е многу чувствителен процес и како и при секое отворањето на кој било устав има сложена процедура кој бара јавна, но пред се политичка дебата.