Косовскиот премиер Албин Курти во четвртокот изјави дека се преземени соодветни мерки за одржување избори во четири општини на северот на Косово и дека оние кои сакаат да го спречат одржувањето на изборите „ќе се соочат со силата на законот. ”

Ова го изјави во Собранието на Косово, каде предупреди на потенцијални пречки поради претстојните избори за градоначалници на четири општини на северот на Косово, пренесува Танјуг.

„Во изборниот процес, Владата е во служба на Централната изборна комисија на Косово и ние одговараме на нивните барања. Презедовме соодветни мерки, активиравме институционални механизми и неопходни ресурси за да се подготвиме за претстојните избори“, рече Курти.

Изборите закажани за 23 април

Тој посочи дека „оние кои сакаат да го спречат одржувањето на изборите ќе се соочат со силата на законот“.

Тој додаде дека преку Министерството за финансии на Косово биле издвоени финансиски средства за одржување на локалните избори.

Изборите за градоначалници на четири општини на северот на Косово се закажани за 23 април.

Лидерите на Србите од северот на Косово претходно најавија дека ќе ги бојкотираат овие избори.