Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров иронично го поддржа влезот на Украина во Европската Унија, тврдејќи дека тоа би довело до распад на самиот блок. Изјавата ја даде на прес-конференција во Москва, по средбата со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, пренесува РИА Новости.
„Со оглед на внатрешните проблеми на Европската Унија, можеби не е лошо ако Украина се приклучи. Тогаш таа едноставно би се распаднала“, рече Лавров. Тој додаде дека пристапувањето на Киев во ЕУ ќе го искористат оние што сакаат Унијата да ја претворат во милитаризирано политичко здружение.
Лавров претходно изјави дека Русија е загрижена оти Европската Унија би можела од економски да се претвори во воен блок и дека токму тоа е основата на руската загриженост поради евентуалното членство на Украина. „Украинското прашање почна кога народот на Крим гласаше на референдум за приклучување кон Русија. Оттогаш, украинското прашање постојано е на маса во нашите разговори со ЕУ“, истакна тој.
Одговарајќи на новинарско прашање за забрзувањето на пристапниот процес за земјите од Западен Балкан, Молдавија и Украина, Лавров рече дека во ЕУ постојат неколку различни движења откако, според неговите зборови, Доналд Трамп се повлекол од НАТО. „Постојат земји што сакаат ЕУ да биде воен блок. Постои и друг тренд: ние ќе се справиме сами. На пример, Велика Британија, која се обидува да има посебна одбранбена унија, сака да биде една од највоинствените земји против Русија и планира во неа да ја приклучи и Украина“, рече Лавров.
Тој оцени дека ЕУ, наместо да ја подобри својата економија и мултилатералната економска инфраструктура, се насочила кон претворање во воен сојуз, предупредувајќи дека последиците од тоа нема да бидат добри.
Минатиот петок, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека сите земји членки се согласиле да започнат суштински преговори за прием на Украина. Украина доби кандидатски статус за членство во ЕУ во јуни 2022 година, при што тогаш беше оценето дека одлуката во голема мера е симболична и насочена кон поддршка на Киев во конфликтот со Москва. Во јуни 2024 година, во Луксембург се одржаа првите меѓувладини конференции.
Сепак, овие чекори не значат автоматски прием во членство и не го обврзуваат Брисел, туку само го означуваат почетокот на долг процес на приклучување кон Унијата. Турција има кандидатски статус од 1999 година, Македонија од 2005 година, Црна Гора од 2010 година, а Србија од 2012 година. Последната земја што стана членка на ЕУ е Хрватска, која се приклучи во 2013 година по процес што траеше десет години.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повеќепати повика Украина да биде примена во Унијата до 2027 година. Од друга страна, европските лидери постојано укажуваат на неусогласеноста на украинското законодавство со западните стандарди и нагласуваат дека темелните реформи се еден од клучните услови за разгледување на членството.
