Во разговор за МКД.мк потпретседателот на Движењето Беса, Фатмир Лимани вели дека Беса нема да оди во Тирана на покана од албанскиот премиер Еди Рама. Toj вели дека целта на закажаната средба на лидерите на партиите на Албанците во Тирана е промовирање на нова Влада на Димитар Ковачевски проширена со уште еден коалициски партнер и спас на речиси две години мандат. „На иста маса со Ахмети не седнуваме“, вели Лимани.

„На Централно претседателство на Беса донесовме одлука ако на состанокот во Тирана присуствува Ахмети дека ние нема да седнеме на иста маса, односно Беса не оди во Тирана“, вели Лимани.

Тој потсетува дека Беса пред еден месец имаше упатено покана до партиите на Албанците со свои претставници да седнат на една маса и да изградат заеднички став во врска со „францускиот предлог“ за уставни измени.

„Ахмети тогаш врати со понижувачки одговор кон нас, во смисла дека Беса не е фактор за да повикува на вакви состаноци, но и рече дека состанок само на албански лидери не е во духот на градење доверба помеѓу Албанците и Македонците. Значи, не треба да седнуваме одделно од Македонците зашто се работи за критичен период, кога се потребни гласови за уставни измени од пратеници Македонци“, вели Лимани.

Тој поставува прашања: „Во овој случај дали состанокот во Тирана е во духот на градење на меѓусебна доверба? Зошто СДСМ го поздрави овој чин и состанокот во Тирана? Што се крои таму?“

И дава одговори: „Просто е. Состанокот е во духот на спасување на криминалната влада СДСМ – ДУИ, а во која, според мене, ќе промовираат и други коалициски партнери.

Лимани вели дека Беса останува на ставот за уставни измени, останува на евроинтеграцискиот пат, но нагласува дека се тоа прашања за кои треба тука во Македонија да се постигне договор, а не да се бара помош за опстанок на криминалци во врвот.

Тој потсетува како пред шест години т.н. тиранска платформа креваше тензии во Македонија и вели дека ако партиите се за напредок на земјава дека треба проблемите овде да се решаваат, и сите пратеници и Албанци и Македонци да создадат добра клима за позитивни одлуки во парламентот.

На крајот Лимани потсетува на партиски став.

„Нема да присуствуваме на состаноци на кои се присутни криминалци кои депортирајќи ги младите ја испустија земјава“.