Конечно со културата ќе раководи човек од фелата, кој работи и живее токму од оваа дејност. Актерот Зоран Љутков од понеделник ќе биде новиот министер за култура. Пред камерата на Алфа вели во текот на минативе години бил секаде, се сретнал со сите културни работници, од сите институции и знае кои се проблемите кои мора да се решаваат. Љутков е на ставот дека го очекува многу работа, за подобрување на условите во кои работат сите во културата, кои во моментов се и повеќе од катастрофални. Ветува драстично подобрување, како што и стои во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, која сега ќе биде и владина програма.

-Во претходниве шест години бувкално ја изорав цела Македонија, се сретнав со сите културни работници, и од актерството, и од музиката, ликовната дејност, заштитарите, музеите итн. Сигурен сум дека ќе најдеме заеднички јазик, ќе бидеме на иста линија, дека ќе имам голема поддршка од фелата. И ако се вратиме наназад шест години ни еден министер на СДСМ не беше од редовите на културата, изјави Љутков.

Според Љутков културата секогаш била заборавена кога СДСМ била на власт, а условите се подобрувале само кога власта ја имала ВМРО-ДПМНЕ. Вели сите културни работници се на ставот дека мора има коренити реформи во сите сегменти, пред се во начинот на финансирање на институциите, со цел работите во овој сектор да мрднат од мртва точка.

-Македонската култура веќе го допре дното и за жал можам да констатирам дека враќање назад од ова нема. Затоа ние во овие неколку години работевме на проекти во кои што ќе треба да ја ресетираме целата култура. Министерството за култура постои пред се постои за да ги сервисира и да ги финансира 100 процентно националните институции, а потоа другите корисници кои што се учесници од јавниот интерес културата, да ги сервисира или субвенционира, изјави Љутков.

Пред Љутков е и ревизија на работата на неговите претходници во култура, низа скандали минативе години се поврзуваа со ова Министерство, како распределбата на средствата предвидени за кутлурата. Каде бевме сведоци дека финансии добиваа блиски до министерката Бисера Костадиновска Стојчевска, но и последниот скандал со Агенцијата за филм. Таму 39 проекти добиле над 800 илјади евра, а ниту снимиле филмови, ниту пак ги вратиле парите назад кај државата. Љутков вели ќе се чешлаат овие договори, а доколку има криминал, ќе има и одговорност.

-Не само ревизија на програмите, мора да има ревизија на еден од најголемите скандали кои што се случува сега, а тоа Агенцијата за филм. Има сомненија за големи скандали во многу институции во културата. Ќе направиме еден тим кој што ќе ги следи овие процеси и секој мора да поднесе одговорност за ова, изјави Љутков.

Љутков е актер со долгогодишно искуство како во театарот, така и на телевиските екрани. Дипломирал во 2001-ва година на Драмскиот факултет во Скопје, од 2006-та почнува да работи во Драмскиот театар.