Утринско еспресо на Радио Лидер
Од денеска и официјално започна новата сезона на „утринско еспресо“ на Радио Лидер. Годинава со главниот водител Љупчо Златев повеќе го нема Ивица Боцевски кој доби функција во новата влада, но затоа емисијата секој ден ќе има гостин-водител. Утринава гостин-водител беше новинарката Искра Коровешовска, а нивниот прв гостин беше министерот за култура, Зоран Љутков.
Критики кон претходничката
Министерот за култура, Зоран Љутков упати низа критики кон неговата претходничка од СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска која несоодветно се справувала со својата функција. Тој вели дека додека бил во опозиција веројатно дека бил „благ“ со нападите кон неа бидејќи одвнатре ситуацијата во минситерството за култура била уште полоша.
Кои се следните чекори на министерството?
На новинарско прашање, Љутков одговори што минситерството направило за краток период, но и кои се следните чекори кои ќе ги преземат од неговиот ресор.
Со тоа што ги откочивме сите процеси во овие два и пол месеци во делот на културата и во делот на капиталните инвестиции и во делот на културното наследство докажавме многу. Пример Плаошник – со ребалансот обезбедивме над 30 милиони денари и веќе ќе почне да се гради, вели Љутков.
Министерот се осврна и на клутната Универзална сала.
Универзална сала ниту е под Град Скопје ниту под министерство за култура, искомплицирана е ситуацијата со преземањето. Процесот е стопиран во втора фаза на изградба. За многу кратко време ќе се расчисти ова со Универзална сала. Скопје ќе биде во 2028 година на културата. До тогаш мора да ја имаме Универзална сала. Максимум за три и пол години ќе ја имаме готова, а може и побрзо од тоа да биде готова, потенцира министерот.
Како една од клучните цели, Љутков го соопшти турскиот театар.
Турскиот театар ни е исто така цел. Веќе се одобрени средства за кровот и фасадата. Од следната година ќе имаме забрзана работа и таму, заклучува Љутков.
Министерот Љутков како институции кои се во добра кондиција ги опиша филхармонијата и велешкиот театар.