Љутков најави конкурс за македонски серии: Фокусот ќе биде ставен на детската програма

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска најави дека Агенција за филм во август годинава ќе распише конкурс за снимање македонски серии. Како што посочи, проектите ќе се реализираат во соработка со националните телевизии, а поголем акцент ќе биде ставен на играната детска програма.

Поддршка за македонската култура кај младите

Одговарајќи на новинарски прашања поврзани со Националната стратегија за развој на културата 2026–2030, Љутков истакна дека е потребна постојана поддршка за децата да читаат македонска литература и да гледаат домашни филмови и серии.

Тој најави и субвенции преку ваучери за купување книги, оценувајќи дека ова ќе биде една од клучните мерки во рамки на стратегијата, заедно со дигитализацијата, современото творештво и поддршката на граѓанскиот сектор.

Летни школи, ваучери и нови серии

Министерот информираше дека стратегијата предвидува и создавање виртуелен простор за младите, организација на летни школи за талентирани деца под менторство на етаблирани уметници, како и вредносни ваучери за следење културни настани и купување книги.

Во план е и реализација на капитален проект за издавање книги за деца и млади, како и продуцирање домашна играна или анимирана серија.

Културата како двигател на позитивни промени

Љутков потенцираше дека младите се во фокусот на новата стратегија, со цел нивна поголема интеграција во создавањето и практикувањето на културните вредности.

Тој додаде дека преку планираните активности ќе се работи на збогатување на домашното творештво преку откуп на дела, обновување на уметничката критика и модернизација на киноприкажувачката инфраструктура, со цел филмот повеќе да се доближи до домашната публика.