Порака од Варшава за нова регионална соработка

Новиот унгарски премиер Петер Маѓар и полскиот премиер Доналд Туск денеска од Варшава порачаа дека е време за обновување на влијанието и улогата на Вишеградската група.

Маѓар предложи проширување на Вишеградската четворка и со други држави, меѓу кои и земјите од Западен Балкан кои сè уште не се дел од Европската Унија.

„Подготвен сум да ја прошириме соработката на Вишеградската четворка и на други земји – можеби скандинавските држави, Австрија, Хрватска, Словенија, Романија и земјите од Западен Балкан кои уште не влегле во ЕУ“, изјави Маѓар на заедничката прес-конференција со Туск.

Централна Европа станува клучна за иднината на континентот

Доналд Туск оцени дека соработката во Централна и Источна Европа треба да добие поширока димензија, посочувајќи дека регионот станува простор каде се носат клучни одлуки за иднината на Европа.

Маѓар изрази надеж дека Унгарија до крајот на своето претседавање во јуни ќе организира самит на Вишеградската група во Будимпешта.

Туск додаде дека проблемите во односите меѓу Полска и Унгарија се појавиле во последните години од владеењето на Виктор Орбан, но оцени дека Маѓар е гаранција дека двете држави повторно ќе настапуваат заеднички во рамки на Европската Унија.