Јавното обвинителство официјално поведе истражна постапка против 23-годишна жена која го тепала и малтретирала своето 6-месечно бебе.

Според обвинителството, жената, со престојувалиште во Ржаничино, во неделата вечер, изнервирана бидејќи бебето плачело, почнала да го удира со раце и тупаници по устата и носот, нанесувајќи му повреди со крварење. Повредите кај детето ги забележал сопственикот на домот каде престојувала.

На Клиничкиот центар, детето имало повеќе нови повреди – контузии и хематоми, како и постари подливи од претходни повреди. Исто така, било констатирано дека осомничената од раѓање не го однела детето ниту на лекарски преглед, ниту на вакцинација, меѓу другото со цел да прикрие дека физички го удира бебето.

Со тоа, таа грубо ја запоставила својата мајчинска должност за грижа и воспитување, го запуштила својот 6-месечен син. Во моментов, детето-жртва е згрижено преку Центарот за социјална работа, а обвинителството бара мајката да биде испратена во притвор.