Европската унија е подготвена да го пренасочи дел од финансирањето наменето за реформите во Западен Балкан кон земјите кои најмногу напредуваат во процесот на пристапување. Според „Еуроњуз“, меѓу таканаречените „предводници“ се Црна Гора, Албанија и Македонија, објави Евроњуз.

Македонија меѓу земјите со најголем напредок

Европската комисија планира прераспределба на средствата од инструментот кој треба финансиски да ги поттикне земјите од Западен Балкан да ги спроведат реформите потребни за членство во ЕУ. Според двајца европски функционери за „Еуроњуз“, средствата ќе бидат насочени кон земјите кои се сметаат за најнапредни во пристапниот процес.

Црна Гора, Албанија и Македонија се оценети како најнапредни, благодарение на домашните реформски агенди. Наспроти нив, Босна и Херцеговина, Косово и Србија се сметаат за земји кои заостануваат во исполнувањето на реформските обврски.

Средствата се врзани со исполнување реформи

Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан беше воспоставен во 2024 година, со цел да обезбеди финансиска поддршка за земјите кандидатки, но под строги услови. Главниот услов е спроведување на реформите потребни за приближување кон Европската унија.

Овој инструмент го опфаќа периодот од 2024 до 2027 година, а неговата цел е во следната деценија да се удвои големината на економиите на земјите од Западен Балкан. Според податоците на Европската комисија, досега се исплатени околу 673 милиони евра од вкупно достапните 6 милијарди евра, при што речиси сите средства завршиле кај три од шесте земји кандидатки.

Брисел ќе оценува кој ги исполнил условите

Според правилата, реформите мора да бидат завршени во договорените рокови. Доколку некоја земја пропушти рок, Европската комисија може да задржи дел или целосен износ од средствата поврзани со конкретниот услов.

Од Европската комисија за „Еуроњуз“ посочиле дека, кога реформските чекори не се исполнети и кога ќе истече дополнителниот рок, средствата може да се прераспределат меѓу другите корисници. За обврските што требало да бидат исполнети до 30 јуни 2026 година, Комисијата најавува сеопфатна и објективна проценка за сите корисници.

Според „Еуроњуз“, најмногу би можела да загуби Босна и Херцеговина, која досега не добила средства од овој инструмент, бидејќи не ги исполнила потребните реформи. Косово и Србија исто така би можеле да бидат во понеповолна позиција, иако веќе добиле дел од средствата.

Европската комисија се очекува подоцна овој месец да им достави повеќе детали на земјите членки, вклучително и за тоа колку средства ќе бидат прераспределени.