Професорот по теоретска механика, Дејан Трајковски, кој ги сподели податоците на Фејсбук, вели оти е важно да се истакне дека македонските бројки кои се земени предвид во анализата на „Економист“ се заклучно со 30.06.2021, пред почетокот на летниот бран, предизвикан од делта-сојот на вирусот.
Македонија е на третото место на листата на „Економист“, веднаш по Перу и Бугарија.
–Во меѓувреме, бројот на починати кај нас прилично се зголеми, додека во Бугарија стагнираше, па најверојатно по завршувањето на третиот квартал ќе се најдеме на второто место. Ни Перу не е далеку, бидејќи тие веќе излегоа од зимата, а кај нас таа допрва доаѓа. Пресметките се направени со официјалниот број на жители на државата од 2,08 милиони жители. Доколку сметаме со 1,7 милиони жители, одвишната смртност кај нас изнесува 615 починати на 100.000 жители, што е повеќе дури и од Перу, односно уште со јунските податоци сме биле први на светот, вели Трајковски.