Лажните вести сериозно влијаат на создавањето на дезинтеграција на општеството и секогаш играат на создавање на меѓу-етнички тензии. Особено страшно кога истите доаѓаат од новинари со долго работно искуство. Дезинформациите се сериозна хибридна алатка, која често се користи од странски сили (првенствено Русија и Кина), за да се создава нестабилност во западните општества.
Пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ
Новинарката Билјана Секуловска, напишала колумна насловена „Албанецот кој нѐ однесе на Месечината“ во која на еден крајно ригиден начин тврди дека македонските медиуми биле етно-шовинистички затоа што не извествувале за учеството на Албион Реџепи во мисијата на НАСА, Артемис II, со која астронаути летаа околу месечината.
Секуловска ја почнува својата колумна со следниот пасус:
„Ако напишете на Гугл Албион Реџепи на кирилица, не добивате ништо. Првата вест е за Тетово, дека за еден месец, полицијата изрекла шест казни. Потоа следат вести за македонската и косовската репрезентација во фудбал, за македонска Албанка која е џудистка, итн. Ништо за Албион Реџепи.“.
Напишаното е точно, но само доколку сте неписмен во транскрипција на албанските имиња на кирилица. Албон е Албанец а не Шкотланѓанец, па така доколку на кирилица напишете Албон Реџепи ќе ви излезат десетици статии на македонски медиуми за достигнувањата на нашиот сограѓанин. Еден од текстовите има прекрасен наслов „Од Чегране до Месечината“.
Доколку напишете Албион, нормално дека нема да ви излезе ништо, затоа што Албион не е името на нашиот сограѓанин туку е старо-келтски назив за Велика Британија.
Од овде почнува лажната вест. Се тврди дека нема статии за неговите постигнувања, иако има десетици статии.
Понатаму, во текстот авторката го портретира Албон како вработен во НАСА и врвен научник кој нашата цивилизација повторно ја однел на месечината.
Не ги спорам неговите достигнувања како бизнис лидер, но, реалноста е дека овој наш сограѓанин не работи во НАСА, не е физичар, инженер или астронаут и не го однел светот на месечината. Доколку направите проверка, ќе дознаете дека тој всушнот работи како операциски офицер во компанијата DEWETRON Inc, која во САД има дваесетина вработени и произведува high-precision data acquisition systems, сензори, системи за мерење на вибрации, температура, перформанси и стабилност на компоненти.
Проверката која ја направив покажува дека компанијата во која работи Албон е ангажирана од НАСА, за сосем мала компонента во мисијата Артемис 2, за што и се платени скромни околу 130.000 долари (целата мисија чини приближно 4 милијарди долари).
Значи, Албон не нѐ однесе на Месечината, туку некои друг. Албон не е ни физичар, ни инженер, туку е дипломиран економист кој како менаџер во оваа мала компанија бил поканет да ја следи мисијата.
Не ги оспорувам неговите лични бизнис достигнувања, само сакам да ви кажам дека неговото портретирање како научник од НАСА е лажна вест.
Понатаму, Билјана Секуловска во неколку стотини зборови тврди колку ние македонците сме затуцани, шовинисти и одвратни затоа што не го славиме Албион (кој се вика Албон) и дека нашите медиуми се заостанати и прости.
Пак ќе кажам, браво за човекот и неговите лични достигнувања. Но, да кажеш дека тој нѐ однел на месечината е исто како да кажеш дека јас сум нобеловец, само затоа што сум завршил на Универзитет кој на светот му дал дваесетина нобеловци. Едноставно, тоа е елага.
На крајот таа поентира:
„Збогум, Албион Реџепи, збогум на сите млади луѓе, не враќајте се, затоа што нема иднина ниту за нас, најмалку за вас, никогаш за таквите како вас.“.
Јас на ова би одговорил:
„Збогум, Билјана Секуловска, збогум заостанати новинари. Престанете да не труете со поделби и лажни вести. Пред да напишете нешто, барем научете англиски, албански и да користите Google. Во новите времиња нема место за таквите како вас, туку за оние како Албон кои се мобилни и создаваат додадена вредност во општествата.“.
Погледнете го целиот статус:
