Предвремени парламентарни избори се единствен излез од кризите кои ги живее Македонија. Колку и да се инаети Ковачевски на крај ќе мора да седне на маса со Мицкоски и да договори датум за истите, смета политичкиот аналитичар, професор Самоил Малчески.
Вели, оваа Влада не е заинтересирана направи нешто во интерес на граѓаните а главен фокус им е криминалот и корупцијата.
Малчески очекува да продоложи блокадата на Собранието, бидејќи тој чекор се покажал како успешен кој секојдневно добива се поголема поддршка од јавноста.
Лидер: По активната блокада на Собранието, денеска Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи седница на која ќе се отвори и дискусија за вториот и третиот чекор на партијата. Според Вас, кои би биле тие чекори и која е целта што ќе се постигне со нив?
-Целта е предвремени парламентарни избори и тие мора да се случат час поскоро бидејќи според податоците кои се на располагање на јавноста станува збор за најлошата Влада која ја имала Република Македонија од осамостојувањето до ден денешен. Очекувам блокадата на Собранието да продолжи бидејќи изминатите денови се покажа како успешна, а денес дури и се одложени сите активности во Собранието заради наводни проблеми со струјата во зградата. Со оглед на тоа дека блокадата добива поддршка од јавноста очекувам дека следните чекори ќе бидат порадикални и ќе кулминираат со протести.
Лидер: Што доколку Премиерот Ковачевски не ја прифати отворената покана за лидерска?
– Колку и да се инаети Ковачевски на крај ќе мора да седне на маса и да договори предвремени избори. Со оглед на тоа дека задолжувањето кое го планираат мора да помине во Собрание, кое е под активна блокада од опозицијата, а тоа им е единствен начин да обезбедат средства за непрекинато функционирање на Република Македонија, Ковачевски за скоро ќе сфати дека нема излез и дека неговото инаетење е на штета на државата.
Лидер: По сите кризи и ценовни шкови, не очекува и ново поскапување на струјата. Дали оваа Влада има капацитет да ги менаџира кризите дколку не се случат предвремени парламентарни избори?
-Владата не е способна да острани два одрони на автопатот Миладиновци-Штип кои стојат повеќе од две години, не пак да менаџира сериозни кризи. Не само што не се способни, дури и се незаинтересирани да направат нешто во интерес на граѓаните. Главен фокус им е ставен на криминалот и корупцијата и тоа го прават најуспешно од сите во регионот. Затоа и на листите на корупција сме на дното во друштво на Колумвија, Етиопија, Танзанија, Виетнам итн.