Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска упати сериозни обвинувања до лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче, тврдејќи дека партијата се води по насоки на поранешниот премиер Зоран Заев и неговите соработници Башановиќ и Шчекиќ.

Според Манасиевски, молкот за наводните средби во Ниш и Грција е доказ дека Филипче е само „чувар на фотелјата“ на Заев.

„За да остане на фотелјата Филипче одбра СДС да биде прокси партија по насока на Заев и Башановиќ. Чуварот на фотелјата Заев, Венко Филипче ја фрла СДС во бунар без дно, слушајќи ги советите на екс советникот на Заев во владата, Башановиќ и неговиот партнер Шчекиќ“, изјави Манасиевски.

Тој додаде дека политичката стратегија на СДС во моментов се заснова на манипулации и лажни вести кои доаѓаат од ПР тимот предводен од Башановиќ. Манасиевски заклучи дека лошите политики на тројката Заев, Ковачевски и Филипче ја тонат партијата без можност за спас.