Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, го обвини шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, дека го затворил предметот за изградбата на 19 модуларни болници во време на ковид-кризата, иако, како што тврди, случајот бил отворен уште во 2021 година.

Манасиевски на прес-конференција изјави дека со одлуката на ОЈО ГОКК, според него, бил заштитен поранешниот министер за здравство Венко Филипче, кого директно го обвини за одлуките поврзани со поставувањето на модуларните болници.

„Аргатот на Заев, Филипче и Ахмети, Ислам Абази, шефот на ОЈО ГОКК, го затвори предметот за градењето на 19 модуларни болници во време на КОВИД кризата, од кои во една се запалија 14 наши сограѓани“, изјави Манасиевски.

Тој посочи дека предметот бил оформен на 10 септември 2021 година, а до 20 август 2026 година, односно пет години подоцна, ОЈО ГОКК предводено од Абази утврдило дека нема основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувања при јавните набавки.

Манасиевски потсети и на околностите под кои биле поставувани модуларните болници. Според него, пред да се случи пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој животот го загубија 14 лица, Владата на Зоран Заев, како што тврди, наместо да ги подобри стандардите на болниците, преку Министерството за транспорт и врски по итна постапка го променила Законот за градење.

„Целта била овој тип на објекти да ги преместат во урбана опрема, за чие поставување и одобрение ќе издава МЗ или тогашниот министер, Венко Филипче. Што значи, Филипче е директно одговорен за поставување на модуларните болници, и секако за сè што се случило по тоа“, рече Манасиевски.

Тој дополнително обвини дека Филипче не потпишал минимум технички спецификации, ниту направил елаборат за електрична енергија.

„Со тоа, Филипче е директниот виновник за пожарот во тетовската модуларна болница на 8 септември 2021 година“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Манасиевски посочи и дека објектот во Тетово, како што наведе, бил поставен директно над резервоар на бензиска станица.

Предметот го воделе Русковска и Јосифовска

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на досегашното постапување со предметот, тврдејќи дека тој првично го водела поранешната шефица на ОЈО Скопје, Вилма Русковска, а потоа бил префрлен кај обвинителката од СЈО, Елизабета Јосифовска.

„Овој предмет го воделе прво Вилма Русковска, за потоа да оди во фиоките на обвинителката од СЈО, Елизабета Јосифовска и таму да фаќа прашина по фиоки, за на крај да оди кај трета обвинителка, која вели дека не постои основано сомнение за сторен криминал“, рече Манасиевски.

Тој оцени дека Филипче денеска не дал коментар за одлуката на ОЈО ГОКК за затворање на предметот бидејќи, според неговите тврдења, однапред знаел за неа и бил известен.

„На само некој месец од заминувањето од функцијата шеф на ОЈО ГОКК, аргатот Ислам Абази си ја одработува својата задача и ги заштитува своите шефови“, изјави Манасиевски.

На крајот, тој посочи дека затворањето на истрагата не значи дека предметот во иднина не може повторно да биде отворен.

„Тоа што денес е затворена истрагата, не мора да значи дека утре нема да излезат нови докази и повторно да се отвори истата постапка“, порача Манасиевски.