На општина Босилово и треба нов градоначалник кој ќе знае да го оствари она што го ветил пред граѓаните, затоа што сегашниот нема реализирано ниту еден од клучните проекти, наведени и ветени во неговата програма, истакна Ристо Манчев, кандидат за градоначалник на општина Босилово од редовите на ВМРО ДПМНЕ.

Во продолжение неговата прес конференција

-Ќе ви споменам само неколку поважни:

· Не е изградена спортска сала во Босилово.

· Не е изграден локалниот пат Дрвош – Иловица.

· Не е реконструиран локалниот пат Турново – Иловица, ниту локалниот пат Босилово –Еднокуќево.

· Не е изградена канализациона мрежа во ниту едно населено место, а проблемот со дивите депонии не само што не е решен, туку е повеќекратно зголемен.

· Не само што не се реализирани проектите кои што беа ветени, за најголем дел од нив не е ни започнат процес на подготовка и проектирање, а не се завршени ни дел од проектите кои беа започнати од претходно.

Срамно и жално е во 21 век, една четвртина од граѓаните на општина Босилово да немаат вода за пиење. Нехуман и неодговорен е односот на општина Босилово кон жителите на Иловица и Дрвош кои цело лето, на пеколни температури, беа оставени без вода за пиење и без грижа за нивните елементарни потреби, а квалитетот на водата за пиење во Штука беше уништен со непромислени и непрофесионални зафати.

Во мојата работа, како иден градоначалник на општина Босилово, приоритет над приоритетите ќе биде решавање на проблемот со водоснабдувањето во сите населени места. Вода за пиење, едноставно мора да има за сите!

Ќе го решиме проблемот со дивите депонии и ќе го модернизираме и реорганизираме Локалното комунално претпријатие кое е пред тотален колапс, потонато во долгови, задоцнети и нередовни исплати на плати, нула инвестиции во нова опрема, а јавната хигиена е под секое прифатливо ниво.

Босилово, како центар на општината, постепено но сигурно ќе добие нов лик на урбана населба, со нови содржини, со спортска сала, со уредени улици, тротоари и одводни канали, и ќе го започнеме процесот на изградба на канализациона мрежа.

Ќе го решиме проблемот со отворените одводни канали кои се извор на зараза и нехигиена во повеќе населени места во општина Босилово.

Ќе инвестираме во изградба и реконструкција на повеќе локални патишта и улици, ќе инвестираме во младите, во спортот и во образованието, кои сега се тотално запоставени. Ќе бидат реализирани голем број на локални проекти кои непосредно ќе ги решат проблемите на граѓаните на општина Босилово со кои секојдневно се соочуваат.

Она што е најважно, ќе вложуваме и ќе инвестираме подеднакво во сите населени места, затоа што општина Босилово треба рамномерно да се развива.

На Босилово му треба нов градоначалник, и Босилово ќе добие нов градоначалник, кој ќе биде присутен меѓу граѓаните, кој ќе донесе нова енергија, знаење, работа и посветеност.

На Босилово му треба градоначалник кој ќе се грижи подеднакво за секој поединец и за секое населено место.

На Босилово му треба и Босилово ќе добие, ГРАДОНАЧАЛНИК ЗА СИТЕ!