КУРИР: Пред да ја донесете одлуката да се кандидирате за градоначалник оценивте дека Босилово не се развива со потребната динамика и интензитет, а во некои области дури и назадува. Сега, откако ја презедовте функцијата што си поставивте како Ваш приоритет?

Манчев: За да може општина Босилово да биде модерна и развиена општина, неопходно е истовремено и паралелно да се дејствува во повеќе области. Спортот, културата, образованието, екологијата се области кои беа целосно запоставени во изминатиот период и на кои ќе се посвети сериозно внимание во наредниот период.

Меѓутоа како приоритети се издвојуваат решавањето на проблемот со водоснабдувањето, дивите депонии и јавната хигена и подобрување на инфраструктурата во општината. Сите овие проблеми не може да се решат преку ноќ, но работиме посветено и ангажирано и за неколку месеци граѓаните ќе ја почувствуваат разликата.

КУРИР: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски на сите градоначалници им препорача да започнат со реализација по 3 капитални проекти во првите 100 дена. Кои ќе бидат вашите?

Манчев: Во првите 100 дена во општина Босилово ќе бидат реализирани неколку проекти и тоа: изградба на локални улици во должина од околу 1200 метри, изградба на две спортски игралишта, изградба на пумпна станица за водоснабдување во населено место Дрвош, што претставува само прв чекор кон решавање на проблемот со водоснабдувањето во оваа населено место, а ќе започне и процесот на изградба на водоснабдителен систем во Гечерлија.

Правиме големи напори во овој период да започне и реконструкција на локалниот патен правец Еднокуќево- Босилово кој што сега е во многу лоша состојба и кои што мора да биде брзо реконструиран.

КУРИР: Една четвртина од граѓаните на општина Босилово немаат вода за пиење, што е срамно за 21 век. Какви проекти имате во програмата за решавање на овој голем проблем?

Манчев: Проблемот со водоснабдувањето е горлив проблем во повеќе населени места во општина Босилово. Како што веќе потенцирав, во населено место Дрвош, изградбата на бушотина со пумпна станица е во завршна фаза, но оваа е само прв чекор, понатаму ќе продолжиме со изградба на останатите сегменти од водоснабдителниот систем во Дрвош. Наредниот период ќе започнеме со изградба на водоснабдителен систем и во Гечерлија, но најсложен е проблемот со браната Иловица и решавањето на овој проблем во населените места Иловица и Штука. Во моментот започнавме акција за елиминирање на нелегалните приклучоци на вода, но оваа е само еден мал дел од проблемот.

Неопходно е да се изгради нова водоводна мрежа, а уште посуштински е да се обезбедат дополнителни количини на вода во браната и да се подобри квалитетот на водата во браната. Моменталниот квалитет на водата во браната е многу лош и самиот процес на преработка на водата е тежок и скап а во летниот период има и голем недостаток на вода. Веќе покренавме одредени иницијативи оваа прашање да се издигне на повисоко ниво и да започне процесот на решавање на овој проблем бидејки оваа претставува многу сериозен проблем а досега не се преземени никакви мерки во насока на негово решавање.

КУРИР: Какви проекти планирате да реализирате за младите во општина Босилово?

Манчев: Младите мора да бидат активно вклучени во креирање на општествениот живот во Босилово. Затоа ќе го ставиме во функција локалниот младински совет преку кои младите ќе може активно да креираат политики и мерки на локално ниво и преку кои ќе учествуваат во реализација на повеќе домашни и меѓународни проекти. Општествениот активизам во Босилово мора да го издигнеме на многу повисоко ниво.

За таа цел ќе бидат организирани повеќе акции и манифестации од различни области – екологија, култура, спорт и др. а паралелно со тоа работиме и на подобрување на инфраструктурата како што е изградба на спортски игралишта, а исто така просторните капацитете на објектите кои што се во сопственост на општината ќе бидат подготвени и ставени во функција на поддршка на невладините и младинските организации и младинските иницијативи кои ќе бидат покренати во општина Босилово.