Државниот јавен обвините, Љубимир Јовески, на вчерашната прес-конфернеција со бугарските обвинители во Скопје, рече дека се обезбедуваат и други докази, а се продолжува и со сослушување на други лица кои може да дадат сознанија за расчистување на трагичниот настан.
Јовески посочи дека во ОЈО Скопје е отворен предмет за „Беса транс“ и податоците што ги собираат на барање на бугарските обвинители, во исто време ги користат и во делот на тој предмет, а со цел расчистување на сите ситуации поврзани со несреќата, од документација за автобусот, до тоа како тој ги поминувал границите.
– Ние ги прибираме потребните документации, а потоа ќе донесеме соодветна одлука. Веднаш по сообраќајната несреќа документацијата од команијата „Беса транс“ е одземена. Ве уверувам, кое било лице, доколку има основ, Обвинителството ќе отвори постапка, изјави Јовески.
Истражителот во Националната истражна служба на Република Бугарија, Младен Христов Петров, на прес-конференцијата изрази сочувство за семејствата на жртвите и посочи дека блиската меѓусебна соработка, постојана комуникација, и постојаната деноноќна работа од моментот на несреќата до сега, овозможиле за брзо време да се дојде до солидни резултати и можност за брза идентификација.
Петров посочи дека се работи на сите верзии кои не се отфрлени, но, бидејќи несреќата е голема и се собираат многу докази, во ваква ситуација истрагата треба да продолжи и не може да се даде дефинитивна верзија за причините за несреќата.
– Сопственикот на фирмата е сослушан во раните часови. Со него интензивно се соработува на територија на Северна Македонија и тој е достапен на надлежните институции, изјави Петров.
Заменикот окружен јавен обвинител на Окружното јавно обвинителство Перник, Бисер Јорданов Михајлов, изразувајќи сочувство на роднините на жртвите, посочи дека координацијата меѓу судските и државните власти на двете земји и меѓусебната соработка е на високо ниво.
– Откако се случи несреќата, институциите постојано соработуваат и работата на расчистување на случајот. Ќе продолжиме со исто темпо и по ДНК анализата телата ќе бидат вратени во најбрз можен рок, изјави Михајлов.
Прашан дали патот и лошата сообраќајна сигнализација се можни причини за несреќата, Михајлов рече дека откако ќе бидат завршени сите анализи и експертизи, тогаш ќе може да имаат конечен одговор дали лошата сигнализација е некаква причина за сообраќајната несреќа.
Околу истото, Петров изрази уверување дека сите претпоставки и прашањата што се поставуваат во медиумите се проверуваат и дека моментално експертската служба за пожари работи и очекуваат да ги утврдат причините за избувнување на пожарот.
Двајца од повредените во автобуската несреќа во Бугарија, вчера, исто така, беа хоспитализирани на Пластична хирургија во Скопје.
Од Министерството за здравство вчера информираа дека пациентка на 17 годишна возраст и пациент на 49 годишна возраст, повредени во автобуската несреќа што се случи на автопатот „Струма” во Република Бугарија, вчера претпладне беа префрлени на лекување во Универзитетскиот Клинички Центар „Мајка Тереза” во Скопје.
Министерот за здравство, Венко Филипче, кој ги пречека пациентите, претходно изјави дека и двајцата се стабилни и се со полесни повреди и оти ќе бидат задржани на лекување на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.
– Пациентите ќе бидат задржани на опсервација и согласно тоа колку време треба да останат, ќе бидат хоспитализирани, по што ќе се направи проценка да се испишат на натамошен домашен третман, изјави Филипче ,кој додаде дека пристигнале колегите од Психијатрија со цел да се даде и психолошка помош.
Одговарајќи на новинарски прашања, Филипче рече дека сегашната најава е дека тројца други пациенти треба да дојдат утре.
– Сите се во стабилна состојба и сите се со полесни повреди, освен едниот пациент кој имаше два хируршки зафати, еден поради скршеница на потколеницата и друг поради нешто посериозно, скршеница на два пршлени, и тој е во стабилна состојба, така што сите овие останати имаат повреди кои се во сферата на пластичната хирургија – посекотини, нагмечувања и така натаму, а тој пациент во сферата на трауматологијата, додаде Филипче.
Во несреќата што се случи рано изутрина, на 23 ноември на автопатот „Струма“, загинаа 45 лица. Според бугарските истражители, жртвите починале од задушување, откако автобусот се запалил, а најверојатна причина за несреќата е човечка грешка.