Западен Балкан и Молдавија со забрзан пат кон ЕУ, Украина со „придружно членство“

Германскиот канцелар Фридрих Мерц предлага промена на пристапот кон проширувањето на Европската Унија, со цел да се скрати времето за интеграција на земјите кандидати и да се зајакне политичката динамика на процесот.

Во писмо испратено на 18 мај до претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и кипарскиот претседател Никос Христодулидис, Мерц повикува на „иновативни решенија“ за побрза интеграција на Западен Балкан и Молдавија.

„Предлагам да најдеме иновативни решенија и за оние кандидати кои долго време се подготвуваат за членство и да го забрзаме нивниот процес на пристапување“, пишува Мерц.

Тој предлага поголема вклученост на кандидатите во институциите на ЕУ, како и поширок пристап до единствениот пазар.

„Ова може да се постигне со доделување статус на набљудувач на земјите од Западен Балкан во сите релевантни институции на ЕУ и одржување заеднички седници на Европската комисија и Европскиот парламент со претставници на земјите од Западен Балкан за сите прашања директно поврзани со тој регион“, наведува тој.

Според Мерц, интеграцијата би се одвивала постепено, преку „фазни чекори“ кои би овозможиле делумно вклучување во политики на Унијата пред полноправното членство.

„Сето ова би можело значително да ги приближи земјите-кандидатки до ЕУ и да создаде нова амбиција за спроведување на дополнителни реформи потребни за полноправно членство“, оценува Мерц.

Украина со модел на „придружно членство“ во институциите на ЕУ

Во однос на Украина, Мерц предлага посебен пристап поради војната, кој би овозможил побрза институционална интеграција без целосно членство.

Тој предлага Украина да учествува во работата на европските институции, но без право на глас, како и делумен пристап до буџетските механизми на ЕУ.

Според предлогот, придобивките би биле условени со напредок во реформите, со можност за нивно укинување доколку има назадување.

Мерц додава дека усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика би значело и дополнителна безбедносна гаранција за Украина.