Капитенот на аргентинската фудбалска репрезентација, Лионел Меси, испрати порака до своите соиграчи, тренерскиот штаб и целиот персонал пред финалниот натпревар на Светското првенство 2026 против Шпанија.

Меси истакна дека највредниот дел од изминатите години не биле само освоените трофеи, туку целокупниот пат што го поминале заедно како тим.

„Најубавото нешто во текот на сите овие години никогаш не биле само титулите, туку целото патување. Споделувањето на секој ден со овој тим, натпреварувањето заедно, издигнувањето на висината на пригодата и уживањето во секој чекор“, напиша Меси на социјалните мрежи.

Тој им се заблагодари на своите соиграчи, тренерите и сите луѓе кои секојдневно работат со репрезентацијата, нагласувајќи дека токму тие ја создале атмосферата на заедништво.

„Благодарам на секој од моите соиграчи, тренерскиот персонал и на сите што работат секој ден за да го направат овој тим семејство“, порача аргентинскиот капитен.

Меси додаде дека без оглед на исходот од финалето, аргентинската репрезентација веќе оставила трага во историјата.

„Што и да се случи во финалето, овој тим веќе напиша историја што никогаш нема да ја заборавиме и што никој не може да ја избрише“, напиша 39-годишниот фудбалер.

Финалето на Светското првенство 2026 меѓу Шпанија и Аргентина ќе се одигра вечерва на стадионот „МетЛајф“ во Ист Радерфорд, Њу Џерси, САД, со почеток во 21 часот по македонско време.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Leo Messi (@leomessi)