Во рамки на активноста „Ова е Македонија за сите“ што ја спроведува ВМРО-ДПМНЕ, партискиот претседател Христијан Мицкоски и кочанскиот градоначалник Љупчо Папазов денеска извршија увид во реконструкцијата на улицата „Браќа Ставреви“ во централното градско подрачје на Кочани.
Градежните работи во сообраќајната и комуналната инфраструктура треба да се комплетираат во текот на оваа година, а ќе бидат опфатени и населени места во општината.
Во тек е замена на работниците, поставување на тротоарската површина, а во последната фаза ќе следи гребење на стариот асфалтен слој од коловозот и поставување нов. Исто така, завршен е проект за изградба на колектор од три километри на терцијарната канализациска мрежа, со што се решава децениски проблем за жителите на селото Тркање. Ќе следат уште два проекта, реконструкција на Споменикот на слободата во Кочани, за што наскоро ќе има тендерска постапка за избор на изведувач, како и изградба на канализациска мрежа во населбата Оризари, во вредност до околу седум милиони денари. Во наредниот период ќе се реконструираат и улиците „Гоце Делчев“ и „Борис Трајковски“ во Кочани со средства од Светска банка, во висина од 500 илјади евра – истакна градоначалникот Папазов.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски упати честитки за успешната реализација на инфраструктурните зафати, без разлика на предизвиците со кои во изминатиот период се соочила локалната власт во Кочани.
И покрај притисоците и кочењата од страна на централната власт, јас им честитам на градоначалникот Папазов и советниците за сето она што го прават. Убеден сум дека овој бран на инвестиции, оваа офанзива ќе продолжи сè додека трае градежната сезона и дека жителите на Кочани ќе можат да направат разлика дека не се сите исти, односно додека во централната власт се поврзани со сомнежи за криминали и крадења, во општините каде што имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата зборуваме само за градење и ги охрабрувам така да продолжат – истакна Мицкоски.
На средбата со партискиот лидер, градоначалникот Папазов информираше дека за да се намалат трошоците за електрична енергија во јавното комунално претпријатие „Водовод“, ќе се постави фотоволтаична централа во станицата за пречистување на отпадните води. За таа намена е обезбеден грант од Центарот за меѓународна соработка и развој на Република Словенија во висина од над 220 илјади евра, а уште толку ќе кофинансира Општина Кочани.