Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од свечениот настан за чествување на ликот и делото на рамноапостолите Св. Кирил и Методиј во црквата Света Софија во Охрид упати пораки за национално обединување и силна поддршка за Македонската Православна Црква – Охридска Архепископија.

Мицкоски истакна дека одлуката за канонско единство со останатите православни цркви е една од најсветлите одлуки важна за нашата црква и македонскиот идентитет и тоа најмногу е заслуга на МПЦ-ОА.

„Сакам во овој момент да ја дадам мојата целосна поддршка за нашата Света Македонска Православна Црква – Охридската Архиепископија. Нашата црква низ вековите била и остана еден од најсуштествените столбови за опстојување на народот. Секогаш таа била засолниште за сите премрежија низ која минувале луѓето низ вековите, а нашиот народ не престана да верува во Бога и да се моли на Бога“, посочи Мицкоски.

Во однос на последните случувања и исчекувањето на добивањето на Томосот за автокефалност, Мицкоски додаде дека тој лично поддржува единствено само непромена на уставот на МПЦ-ОА, под било каков предизвик и под било какви уцени, при што не смее да има промена на уставот.

Мицкоски истакна дека не постои европски фронт за Македонија или проруска Македонија, постои само Македонија со иднина кои сами ја градиме, со европска перспектива кои сами мораме да ја оствариме.

– Ова е Македонија за сите. Македонија која е нашиот единствен дом, нагласи Мицкоски.

Тој посочи дека ние Македонците ја имаме оваа, наша, држава, држава за којашто нашите предци се бореле, крвавеле, гинеле.

– Оваа држава оставена во наш аманет. Оваа држава каде растат нашите деца. Македонија којашто е наш дом. Ние ја чувствуваме Македонија како наш дом и затоа го штитиме овој дом. Никој не може да ја сака оваа држава повеќе од нас Македонците. И затоа ние ќе направиме се оваа држава да успее. Да не се предаваме пред умирањето на надежта, да не се откажуваме лесно од она што е наше, да се бориме да направиме достојна држава за живеење за секој во Македонија. Бидејќи Македонија за сите, Македонија за сите граѓани, мора да биде реалност, изјави Мицкоски.