Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашниот ТВ дуел во „Само вистина“ на Канал 5, истакна дека пописот кој тече во моментов е со многу проблеми бидејќи апликацијата е нестабилна и не може континуирано да се попишува, додавајќи дека целата игра на СДСМ и Левица со пописот и се друго е само за одржување на власта, бидејќи тие се исто лице и опачина на паричка.

– Од една страна го имате Зоран Заев кој вели ќе има попис и повикува на попис, од друга страна ги имате Левица кои работат активно за да не успее пописот. Што е заедничко помеѓу едните и другите. Пред Нова година Заев одговарајќи на едно прашање на претседателот на таа политичка партија, постави контра прашање дали е точно или не дека му обезбедил логистика и финансиски средства за да работат против ВМРО-ДПМНЕ и дека му било ветено дека ако освојат пратеници ќе ги поддржуваа политиките на СДСМ, рече Мицкоски.

Тој потенцираше дека граѓаните треба да знаат дека единствена државотворна политичка сила која се бори за интересите на сите граѓани интереси те на Македонија е ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на пропаднатиот попис од 2011 Мицкоски го потсети Заев дека заборава да го спомене ДУИ кое беше дел од власта тогаш кога пропадна пописот и дека откако дојде Заев на власт исчезна случајот против лидерот на ДУИ.

– Заев го спомнува пописот од 2011, и го спомнува тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, но не го спомнува неговиот сегашен коалиционен партнер ДУИ кои беа во истата влада кога имаше неуспешен попис. Имаше истрага од СЈО во која беше опфатен и претседателот на ДУИ кој веднаш после формирањето на новата влада магично тој случај исчезна, изјави Мицкоски.