– Ако ги слушавте изјавите на овие политички измамници во владата, ние уште пред 3 години ги почнавме преговорите. Вистинското прашање е зошто до ден денес никој не собра храброст да понесе одговорност што изгубија уште 3 години на овие граѓани во нашата Македонија и уште стотици илјади млади – 8 од 10 мои студенти по дипломирањето одлучуваат да ја напуштат државата бидејќи тука не ја гледаат својата иднина, вели Мицкоски.

Тој посочи дека ќе даде сѐ од себе да ги исправи неправдите кои што се нанесени на македонскиот народ, вклучително и оваа неправда која што сега се нанесува а главен мотиватор и причинител за тоа е нашиот источен сосед.

– Суштината на проблемот е тоа што во моментот од нас се бара е да кажеме дека ние не говориме македонски јазик, туку дека говориме македонски јазик кој што е дел од бугарскот јазик и кој што е еден вид негов сленг, да бидам побрутален. Понатаму, треба да се откажеме од историско и културно минато, да кажеме дека Никола Карев, Питу Гули, Гоце Делчев, Дамјан Груев не биле Македонци и не се бореле за македонска држава во срцето на Балканот и дека тоа се во суштина Бугари, дека ние како Македонци практично сме резултат на Коминтерната и Тито кои што постојат од 1945-та ,па наваму. Па дури одат и чекор понатаму и во нивниот последен предлог велат, да бидеме Македонци и да говориме македонски јазик согласно Уставот, што значи од 1991 година па наваму. Да се откажеме од нашето македонско малцинство кое живее во Бугарија и кое доби пред Европскиот суд за човекови права во Стразбург веќе неколку пресуди. Имаме неколку декларации од Европскиот парламент во насока на македонското малцинство во Бугарија., додаде тој.

Претседателот рече дека ова што моментално се случува во дваесет и првиот век во Европа, во лулката на цивилизацијата е геноцид на еден народ и ако политичките бирократи во Брисел гледаат низ ова прашање како: ,,Извинете, ние во Европската комисија во ЕУ одлучуваме по пат на консензус” тогаш, тие луѓе не заслужуваат тоа место каде што сега се наоѓаат и дека ќе биде првиот кој ќе се бори од внатре да го европеизира општеството, да ги споделиме нашите европски вредности, да не даваме повеќе на ниту еден сосед да си поигрува со нашето достоинство и најверојатно тогаш, ќе бидеме посакуваниот партнер кои што тие ќе го бараат да седне со нив на масата.

На крајот, претседателот како директно одговорни за сето ова што ни се случува ја посочи власта и рече дека сѐ додека ни се случува да имаме 14 мртви кои што живи гореа, сѐ додека ни се случуваат криминални афери, провизии за вакцини, катастрофи во образованието, сѐ додека сме на 111 место на листата и најкорумпираната земја во Европа, со најнизок стандард, со најниско ниво на инвестиции и уште многу порази, ние за жал секогаш ќе бидеме жртва на вакви хегемониски барања и жртва на геноцид.